Читам што се пишува утрово, откако работава стана и официјална, и не можам да поверувам.

Изненаден сум од неколку работи, кои ќе ги наведам по ред:

Сум изненаден од површноста на нашите медиуми, особено од економските редакции. Јас не сум новинар, но сум сигурен дека се далеку од тоа и тие кои земаат плата за пишување економски теми во соодветните редакции. Имено, сите редакции, како папагали, само повторуваат кој ќе ни биде нов министер за финансии и останатите „ухлебувања“ во останатите сектори. Во ред е разбравме. Но Вие сте новинари за да направите истражување кои се луѓево, што се, што постигнале, како го постигнале, кои се нивните визии за секторите што се назначени да ги водат, која е агендата и слични суштински прашања кои ќе објаснат зошто овие млади ликови треба да земаат плата од државата.

Бидејќи такви анализи немаме, и се е сведено на паланечка рекла-казала како и обично- се дрзнав да прочепкам подетално низ минатото на предложениве луѓе.

Сакам да истакнам дека лично не ги познавам, ги знам од социјални медиуми и ги знам нивните приказни како што ми се преставени. Решив и да користам малку „копање“ на информации по интернет и еве до што дојдов:

  • Новата министерка за финансии Нина Ангеловска е млада и амбициозна дама. Завршила студии пред 8 години, во меѓувреме магистрирале и докторирала, сите степени ги добила на Економскиот факултет во Скопје. Има студирано е-трговија, департман со многу малку допирни точки со новата работа. Согласно својот универзитетски степен, таа се насочила во права насока и го почнала Групер.мк – 100 % копија од оригиналниот Групер, но, најверојатно, без франшиза. Самиот факт за ваков плагијат е доволно скандалозен сам по себе, но не и во нашата земја. Сепак се потрудила и направила компанија која обавува општествено корисна дејност и генерира општествени заштеди ( сите скандали на страна ). Малку исто ме буни што докторатот и е на истата тема, но не треба ништо да не чуди со нашите високообразовни институции. До овде е се во ред, и секој си има право на сопствен бизнис модел и сопствен живот. Она што ме чуди е : какви допирни точки има оваа млада дама со водењето на државните финансии? Државните финансии се многу повеќе од е-трговијата. Водењето на истите бара ако не повеќе соодветно монетарно-финансиско образование а не, безмалку убрзан курс за воспоставување онлајн старт-ап… кој згора на се е копија… Но, не би бил целосно искрен ако не кажам дека и од „образованите“ во овој сектор претходници, не видовме никакви бенефити. Министерот Данска и советникот Предраг, дојдоа, поседаа и си заминаа…без никаква идеја, отчет или виден и забележан резултат. Едноставно, во склад со македонската државност, работна етика и бизнис пракса, влегоа и излегоа со фејсбук статус. Еротика ди Бангладеш… Вакви професионални манири и воопшто корпоративна култура може да има само во Македонија и евентуално во некои суб-Сахарски земји… При влез ниту кажуваат со која идеја, цели и програма влегуваат а при излез – бегаат со фејсбук статус… Епски работи се овие…. Така да и новава министерка не бега многу од овој континуитет. Ми изгледа на инстант решение колку да не е празно столчето во Министерство за финансии… Министерство кое нема министер со месеци а исплаќа плата на јавниот сервис, министерство кои ги лиценцирало финансиските друштва а не ги проверува воопшто што прават и како го пљачкаат народот – онлајн… Министерство кое на негово барање се сведе Стапката на Вкупни Трошоци (СВТ) на 55% а сега под негов нос овој закон се крши со стапки и од над 400% СВТ…. анархија и неспособност…. И кога не можев да се изначудам како е можно да не води во овој сектор човек кој добиваше блокади на Собраниски комисии и правеше двоминутни паузи во обраќањата кај истите, дојде новава министерка која е во раните триесетти и ископирала веб-сајт. Па до толку ли да паднавме… очигледно да….
  • Вториов моден детал кој ми падна во очи – а не ми е во браншава е г-инот Коста Петров. Локална паланечка звезда и ПР маријачи од балкански ков. Присутен во ѕвездениот сајбер простор со некакви си конференции и книги, кои за негова жал, постои уште по некој луд Влав во нашава земја – кој ги чита сите наши автори.  Имено, најавена со голема помпа, ја купив и прочитав неговата книга „ Се гледаме на врвот“ и најдов многу нерафинирани сличности со книгата на американскиот мотивациски гуру Зиг Зиглар која погодете како се вика ? “See You at the Top” се вика… или исто… Е дотука е „инвентивноста“ на овој лик. Иначе книгата на Зиг Зиглар е издадена во далечната 1974 година и може да ја најдете на следниов линк:  https://www.goodreads.com/book/show/161415.See_You_at_the_Top  . Мене ова ми е доволна “референца“ за ликов и се ми е јасно. Овој факт го знаев со години, но немав никаква работа да го истакнам. Само си се смеев со нашата читачка публика која од “Остен“ и “Вручи Скај“ – не еволуира воопшто. Но зошто го кажувам ова? Затоа што овие плагијатори дојдоја да ја креираат нашата судбина или доаѓаат во моментов. Не може така лесно другари. Плагијатизмот е многу забранет и е генерално лоша работа. Истотака, според Linkedin профилот на нашиов “мотиватор“ и “ПР експерт“ можеме да видиме дека е Agency Founder & Storyteller. Вториот збор, можеме да го преведеме во најширока смисла на нашиот јазик како “раскажувач на приказни“…. Е, токму таков ни треба, раскажувач на приказни… бидејќи претходниве 30 години се беа реализатори, сега ни требаат раскажувачи на приказни, басни и умотворенија….

Драги читатели, и драги споменати во текстот. Ве опфатив во мојата анализа, бидејќи сте се нафатиле да вршите јавна функција. Сум ве знаел и претходно, но со добивањето на јавна функција и улога да не водите како држава и народ, имате голем товар на Вашите плеќи… Мој совет е : Како што сте биле досега кадарни за да правите добри плагијати, направете добри плагијати и на светските добри бизнис и финансиски пракси… искрено не верувам дека нешто ќе сменете, не се “мириса“ капацитет во вас, но ете , ви се дало шанса. Јас сум длабоко уверен, дека оваа шанса вие ја гледате само како потенцијална референца во Вашето CV за во иднина, но помислете и на народот на кој му е потребно водство, мудрост и подобрување на економската благосостојба, и не заборавајте дека сте на функции во најсиромашната земја во Европа.

Досега, за жал, не видовме никакви идеи и планови или концепти од вас. Единствено што видовме беше Вашето назначување во Информбиро стил – со декрет…. Ах, извинете, и ви ги видов фејсбук статусите, за жал, слично на Вашите претходници…

Имате шанса, внесете промена, ќе бидете будно следени, како и досега. Не од каприц, туку од заситеност од толерирање на Вашите претходници кои само не уназадија и поради недостаток на јавна осуда, критика и следење, само си полнеа референци во CV-ата и евричиња по сметките……

 

Наум Димитровски