Девизниот курс на еврото трет ден по ред слабее во однос на доларот на меѓународните девизни пазари, како резултат на поголема претпазливост на трговците во пресред на новите состаноци на претставниците на Грција со министрите за финансии на еврозоната.
Вчера девизниот курс на еврото ослабе во однос на американската валута за 0,4 проценти, на 1,1318 $. Девизниот курс на еврото оваа недела главно се движеше во опсегот 1,1300-1,1450 американски долари, поради тоа што сите очи на учесниците на глобалните пазари и понатаму се фокусирани кон преговорите на Атина со партнерите во еврозоната.
Програмата за финансиска помош од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) истекува на 28 февруари, грчкиот премиер Алексис Ципрас кој победи на изборите со ветување дека ќе ја отфрли програмата на кредити, треба да обезбеди итни финансиски средства за државата да може правилно да ги исполни своите обврски.
Во четвртокот, Германија го отфрли грчкиот предлог за шестмесечно продолжување на договорот за заем од еврозоната, еден ден пред средбата помеѓу министрите за финансии на еврозоната.
Внимание сега е преусмерено кон исходот од новата средба. За сега на пазарот доминира внимателен оптимизам, главно поради аргументите дека не постигнувањето на договор би било премногу скапо за двете страни. Ова според аналитичарите, би можело да доведе до ситуација во која Грција веќе нема да може да го враќа својот долг и би ja приморало да излезe од еврозоната.
“Девизниот курс на еврото не ослабе силно, бидејќи инвеститорите имаат оптимистички став дека договорот ќе биде постигнат, бидејќи тие треба да дојдат до некој договор”, изјави Адам Маерс, валутен аналитичар на Кредит Агрикол банка.
Еврото може значително да ослабне, за два до три центи на почетокот на следната недела ако не се најде некакво решение во текот на викендот, вели Маерс.
Вредноста на доларот продолжи да зајакнува врз основа на вчерашните добри вести од пазарот на трудот во САД, кои повторно ги вратија надежите на инвеститорите дека централната банка се уште може да одлучи да ги зголеми каматните стапки во скоро време. Долар индексот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на другите шест водечки светски валути во вчерашното тргување се зголеми за 0,1 проценти.