И на годинешново јубилејно 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола, партнер ќе биде ХалкБанк, со што продолжува партнерството меѓу оваа наша врвна филмска манифестација и банката, започнато минатата година.

„Со оствареното партнерство со фестивалот „Браќа Манаки“, кој е со долга и богата традиција, ја изразуваме нашата определба да бидеме поддржувач на филмската уметност и македонската култура воопшто, како еден од најсуштинските делови на секое општество. За нас е вистинска чест да бидеме партнери на можеби најпрепознатливиот и најреномираниот културен настан во земјата. Со својот интернационален карактер, фестивалот „Браќа Манаки“ претставува редок општествен настан кој привлекува големо внимание кај домашната и меѓународната јавност. Како банка со општествена одговорност, ја продолжуваме нашата практика на поддршка на различни културни, образовни и спортски проекти и настани во насока на промоција на вистинските вредности, а  една од таквите вредности е и филмската уметност. Ваквата поддршка е во согласност и со нашата  корпоративна платформа  „Важни се луѓето“, со која на секого му се оддава признание како на важен поединец. А во филмската уметност тоа се филмските работници чија работа ја вреднува токму фестивалот „Браќа Манаки“, изјави Маја Наумовска од Дирекцијата за односи со јавноста во Халкбанк.

Јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал, кое годинава е под мотото „Tell the clouds“, ќе биде прославено со богата програма, а според најавите, покрај 14-те секции, ќе има и потсетување на публиката за најдобрите македонски, но и европски филмови. Фестивалот „Браќа Манаки“ неодамна доби и големо признание „Кристално око на ИМАГО“, награда што му ја додели Меѓународната  асоцијација на кинематографери – ИМАГО за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност. Оваа награда е уште едно големо и меѓународно признание за пионерската активност на Јанаки и Милтон Манаки и потврда за  напорите на дружина храбри филмски автори и вљубеници во филмската уметност, луѓе со визија, кои пред 40 години го покренале овој фестивал. Партнерството меѓу фестивалот „Браќа Манаки“ и ХалкБанк ќе придонесе за негување на љубовта кон филмот и за уште поголема промоција на филмската индустрија во земјава.