Државата ќе интервенира во лозарството, овие денови ќе се седне со лозарите за да се дизајнира најавената интервентна мерка, со цел да се извлече максимум. Ќе се има во предвид и дека во одредени предели поради сушата приносите се намалени 20 до 30 отсто. Ова го изјави денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски во Росоман.
„Бербата на црните сорти грозје е при крај, веќе се бере и ,,смедеревка” како бела сорта, а следува ,,станушина”. Периодов бевме постојано присутни и во комуникација со лозарите. Се очекуваше вишок на грозје, но сушата придонесе за помали приноси, винариите ќе го откупат целото грозје кое ќе биде понудено. Земјоделците мора да влегуваат во договорни односи со винарниците, да се планира производството, нагласи тој“, одговарајќи на новинарско прашање околу годинешнава гроздоберска сезона.
Министерот очекува во иднина градба на винарии и искористување на ИПАРД и национални програми, а банките да имаат поповластен пристап кон земјоделците.
„Направени се неколку промени во законот за Агенцијата за финансиска поддршка, така што и при мали отстапки од пет до десет проценти, да се прифати одредена инвестиција и да и се помогне. Со тоа се очекува да се зголемува капацитетот на постојните, а да се градат и нови, особено семејни винарски визби. Законот за вино како предлог е веќе во Собрание и се очекуваат олеснети околности за мали винарии. Промоцијата на домашното вино и производи од грозје е битна. И годинава имаше трговци кои откупуваа винско грозје во гајби и го извезуваа, целта е да го осигураме пазарот и грозјето да остане тука, за да имаме додадена вредност која би донела поголеми приходи како за лозарите така и за винарниците кои работат за приход, но и да инвестираат“, додаде министерот.