Главната грижа на владата е да ги поддржува компаниите и вработените во овој сектор, погодени од банкрот на британскиот тур-оператор, рече грчкиот министер за туризам

Околу половина милијарда евра се изгубени во грчкиот туризам од банкротот на британската туристичка компанија Томас Кук, пренесува „Катимерини“, повикувајќи се на интервју со грчкиот министер за туризам Харис Теохарис.

Тој најави нови мерки на владата за ублажување на ефектите врз индустријата.

„Ако не се случеше пропаѓањето на Томас Кук, годината ќе завршеше со приходи од околу 500 милиони евра повеќе отколку во 2018 година, и со значително зголемување на просечната цена (на туристите во земјата)“, рече Теохарис.

Министерот рече дека главната грижа на владата е да ги поддржува компаниите и вработените во секторот погодени од банкротот на британскиот тур-оператор.

Меѓу мерките за поддршка наведени од Теохарис е посебната програма на Организацијата за вработување и работни места за поддршка на трудот, одложување од 6 месеци за плаќање на ДДВ во однос на процентот на обрт на секоја компанија затекната од банкротот и поддршка на засегнатите компании преку Грчката банка за развој.

 

Забрането превземање на содржината без претходна согласност од редакцијата на БанкоМетар.мк