Наоѓањето време за себе во текот на стресната работна недела не е едноставна задача. Но, во некои градови тоа е полесно отколку во другите, покажува неодамнешно истражување.
Безбедносната компанија „Киси“ анкетирала луѓе од 40 града низ целиот свет за да открие кои жителите имаат најдобар баланс помеѓу работата и животот, давајќи поени за фактори на вработување, како што е просечното време на патување, работни часа и одмор, заедно со благосостојбата и граѓанските права.
Ова се најдобрите градови во светот што нудат најдобар баланс помеѓу работата и животот:
1. Хелсинки, Финска – 100,0
2. Минхен, Германија – 98,3
3. Осло, Норвешка – 95,3
4. Хамбург, Германија – 93,6
5. Стокхолм, Шведска – 89,1
6. Берлин, Германија – 88,8
7. Цирих, Швајцарија – 84,1
8. Барселона, Шпанија – 82,2
9. Париз, Франција – 77,8
10. Ванкувер, Канада – 72,6
1. Хелсинки, Финска
Жителите на Хелсинки уживаат во најдобриот баланс помеѓу работата и животот, со релативно кратка 40-часовна работна недела и ниско просечно време на патување до работа од 26 минути.
Минималниот платен одмор што може да го земат е 30 дена, што е еден од највисоките од која било земја што учествувала во истражувањето. Хелсинки нуди и дарежливо платено породилно отсуство од 1.127 дена, што е далеку повеќе од другите земји, со исклучок на Унгарија.
2. Минхен, Германија
Првиот од трите германски града во топ-десетте, Минхен, е град со најнизок стрес на оваа листа. Просечната работна недела е подолга од онаа на Хелсинки за само еден час, а времето за патување до работа е подолго за една минута.
Постојат неколку изразени разлики помеѓу првите два града на листата. Во главниот баварски град минималниот платен одмор е само 20 дена, иако повеќето вработени во просек земаат речиси 30 дена. Родителите можат да земат 406 дена платено породилно отсуство.
3. Осло, Норвешка
Од анкетираните градови, жителите на Осло работат најмалку часа неделно (38,9), а само мал процент од луѓето работат повеќе од 48 часа.
Градот обезбедува дарежливо породилно отсуство и има највисока оцена за родова еднаквост од сите испитани градови. Исто така, на прво место е за пристап до услугите за ментално здравје.
4. Хамбург, Германија
Како и Минхен, и Хамбург има 41-часовна работна недела и е место за живеење и работење со релативно низок стрес, иако не е толку безбедно.
Германија е единствената земја со повеќе од еден град во топ-десетте. Сите три од овие града имаат кратка работна недела и балансирана политика што е пријателски настроена кон семејството. Слободното време игра важна улога во животот на германците.
5. Стокхолм, Шведска
Владата на Шведска презеде чекори за да му помогне на населението да ги балансира работните обврски со приватниот живот.
Стокхолм постигна 76,9 поени за родова еднаквост и е на второ место во истражувањето на ова поле. Ова делумно се должи на флексибилното работно време и структурата на родителското отсуство. Социјалната еднаквост е висока во целиот град, а еднаквоста на ЛГБТ достигнува 100 отсто.
6. Берлин, Германија
Вработените во Берлин пристигнуваат на работа околу 10 часот, подоцна од другите германски градови што се најдоа во топ-десетте. Просечното патување до работа и до дома е подолго, а нивото на стрес во Берлин е двојно поголемо од нивото на стрес во Хамбург и трипати поголемо отколку во Минхен.
7. Цирих, Швајцарија
Во Цирих луѓето работат најдолги часови во неделата и најдолго патуваат до работа и до дома.
Пристапот до услуги за ментално здравје е на второ место, а градот има и едно од најниските нивоа на стрес.
Најпопуларниот град во Швајцарија има ниско загадување на воздухот и води во однос на здравјето и фитнесот на неговите жители.
8. Барселона, Шпанија
Во Барселона работниците работат речиси 41 час во неделата, што е исто како и на другите места во топ-десетте. Кога не работат, жителите на градот земаат повеќе одмор, просек од 30,5 дена, повисоко од потребниот минимум од 22 дена.
9. Париз, Франција
Работниците во француската престолнина имаат најдолго време на патување меѓу топ-десетте, во просек од 44 минути, во споредба со 26 минути во Хелсинки. Но, и Франција е позната по долгиот платен одмор од 30 дена.
Законодавството бара од Франција активно да промовира здрав баланс помеѓу работата и животот. Работната недела трае 35 часа, а работниците може да изберат дали да одговараат на повиците и е-пораките од работа по работното време.
10. Ванкувер, Канада
Ванкувер е единствениот град надвор од Европа во топ-десетте. За повеќето жители, патувањето до работа трае повеќе од половина час. Работната недела трае околу 40 часа – слично како во другите градови од топ-10.
Како и нивниот сосед, САД, и Канада има ограничен платен одмор – само 10 дена, иако во просек земаат повеќе од 15.