На девизните пазари, еврото минатата недела падна нагло во однос на доларот, втора недела по ред, бидејќи овој месец Европската централна банка стартува со програмата за олабавување на монетарната политика, додека американската Банка на федерални резерви ФЕД планира кон средината на годината да ја заостри монетарната политика.
Курсот на еврото минатата недела во однос на американската валута падна за 1,6%, на 1,1195 долари. Еврото ослабе и во однос на јапонската валута за 1,1% на 133,95 јени. Вредноста на доларот, пак, зајакна во однос јенот за 0,5% на 119,60 јени.
После постигнувањето на договор од страна на министрите за финансии на еврозоната со Грција за нејзинот долг, со тоа се отстрани една пречка на пазарот, фокусот на инвеститорите повторно се сврте кон монетарната политика на централните банки на САД и Европа.
Во март Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ја стартова програмата за купување на државни обврзници за на тој начин дополнително да ја олабави монетарната политика, со тоа инвеститорите се подготвуваат за еден подолг период на евтини пари во еврозоната.
Напорите на централните банки за да се обезбеди постојан прилив на пари во финансискиот систем ги притисна приносите на државните обврзници на земјите од европското јадро во негативна територија, или многу блиску до тоа.
“Големата ликвидност на пазарот ги притиска приносите”, изјави Андреа Туени, трговец на Сахо банка.
Од друга страна, во извештајот до Конгресот претседателот на ФЕД минатата недела рече дека водачите на централната банка за зголемување на референтните каматни стапки во иднина ќе дискутираат на секој состанок.
Тоа значи дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за прв пат од 2006 година, на секоја наредна седница, а многу од аналитичарите очекуваат тоа да се случи во јуни. Очигледно дел од инвеститорите ја толкуваа оваа изјава како индикација за одложување, но дека монетарното заоштрување е на “маса”, потврдија двајца функционери на ФЕД.
Претседателите на ограноците на ФЕД во Сан Франциско и Сент Луис, посочија дека американската централна банка би можела да стави крај на политиката на каматни стапки во близина на нула проценти побрзо од очекуваното, бидејќи се очекува да продолжи закрепнувањето на економијата и пораст на инфлацијата.
Меѓутоа, потрошувачките цени во САД во јануари забележаа најголем пад од 2008 година, но официјалните лица на ФЕД очекуваат стабилизација на цените на нафтата до лето, а со тоа и зголемување на потрошувачките цени.
Како резултат на тоа, долар индексот, кој ја покажува вредноста на доларот во однос со шесте најголеми светски валути, во петокот достигна 95,29 поени и се приближува до највисоко ниво по повеќе од 11 години на 95,481 поени, кое беше постигнато на 23 јануари.
Иако долар индексот во февруари се зголеми за тенки 0,5 проценти, тоа е негов осми последователен месец на раст, а таква долга серија на раст не е забележана од 1971 година, кога е дозволено слободно формирање на девизниот курс на американската валута на пазарот.