Извозот на стоки од земјава од јануари до август годинава бележи раст од 7,3 отсто во однос на истиот период лани, а вредноста изнесува 4.754.299 илјади долари, објави Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.192.295 илјади американски долари, што е за 5,2 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2019 година, изнесува 1.437.996 илјади американски долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – август 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.