Венецуела е земја со најголема инфлација во светот, следат Зимбабве и Јужен Судан, пренесува Светскиот економски форум.

Стапката на инфлација е многу важна бидејќи влијае на финансиската состојба, хипотекарните плаќања, заштедите и цените.

Нискиот, предвидлив раст на инфлацијата е најдобар за секого.

Глобалната стапка на инфлација е приближно 3,6 проценти, покажуваат податоците на ММФ.

Но, ако инфлацијата е превисока или варира, компаниите тешко можат да утврдат цени и тешко е потрошувачите да ги испланираат своите финансии.

Ако цените драматично скокаат на краток рок, нема да можете да купите толку многу добра колку што можевте порано, тогаш ќе биде тешко да ја видите вредноста на валутата во земјата во која се тргува.

Вредноста на валутата на една земја е под влијание и на политичката и економската стабилност, така што не е изненадувачки што Венецуела, Зимбабве и Јужен Судан се на врвот на листата.

Кризата што ја зафати Венецуела влијаеше на порастот на инфлацијата, што во април изнесуваше 300.000 проценти. Превирањата, кои сè уште се силни, укажуваат на тоа дека со тек на време ќе расте и повеќе, при што ММФ проценува дека до крајот на годината инфлацијата ќе скокне на 10 милиони проценти.

Стапката на инфлација во Зимбабве е нешто под 176 проценти, но има простор таа да се зголеми и повторно да биде толку голема како што беше во времето на најголемата криза во земјата пред десетина години. Цените за основните прехранбени производи како што се лебот, горивото и лековите веќе се зголемуваат.

Претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, вети дека ќе ја стабилизира економската криза кога ја презеде власта од Роберт Мугабе во 2017 година, но се чини дека економскиот аспект допрва треба да се подобри.

Захид Хусеин, водечки економист на Светска банка, вели дека економскиот раст и политичката стабилност се длабоко поврзани.

„Но, не сите форми на политичка стабилност се еднакво добри, многу зависи од степенот до кој стабилноста се претвора во добро управување“, објаснува Хусеин.