Целоснaта реализација на изградбата на автопатот Кичево – Охрид вклучува финансирање непредвидени и дополнителни градежни работи, истакна заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, на собраниска седница.

Поради ова, таа побара Собранието по скратена постапка да го усвои предлог-законот за гаранција на РС Македонија на обврските по договорот за заем за дополнително финансирање на проектот, кој ќе се склучи меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт-импорт банката на Кина.

„Проценетата вредност на дополнителни финансиски средства за проектот изнесува 179.694.572,51 американски долара, а вкупната вредност на проектот е 684,7 милиони долари. Потребата за обезбедување дополнителни финансиски средства произлегува од непредвидени и дополнителни работи за тунелот ‘Пресека’, непредвидени работи за широк ископ и санација на свлечишта, непредвидени и дополнителни работи за изградба на 8 денивелирани патни јазли: клучки и еден алтернативен пат од Врбјани до патниот јазол Арбиново“, рече Елези.

Според неа, успешната реализација на овој проект ќе има директно влијание врз зголемувањето на вработеноста и економскиот раст.

Заменик-министерката за финансии посочи дека рок за отплата на заемот е 20 години, со вклучен грејс-период од 5 години, а каматната стапка е фиксна и ќе изнесува 2 процента на годишно ниво за целото времетраење на заемот.