Триесет години цената на грозјето е иста, непроменета, а винариите се најголемите уништувачи на лозарството, се пожалија производителите во вечерашната „24 Анализа” на која учествуваше и министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Според лозарите, цената на грозјето е осум до девет денари, а и голем дел од родот е уништен зашто кога почна бербата, периодот беше сушен. Побараа државата тоа да го земе предвид и да прогласи елементарна непогода, како и да ги обесштети. Исто така, укажаа дека Инспекторатот за земјоделство мора да има свои претставници на откупните пунктови за да нема малверзации.
-Жално и срамно е килограм грозје да биде осум, девет денари. Еднаш мора да се стави крај на ова. Само грозјето остана девет денари, како пред 30 години. Триесет години цената не е покачена. Најниската цена треба да е 12 денари или никој нека не го зема. Грозјето не е пченица да стои. Брзо ферментира и потоа само може да се фрли, никој не го купува. Му рековме на министерот да ја задржиме ланската цена од 11 – 12 денари бидејќи годината не ни е наклонета, а цената наместо да оди нагоре, падна, на „смедеревка” осум денари. Пред бербата одржавме состанок. Предочивме дека мора да има инспектори на секој пункт, а сега немаше. И во цента и во мерењето сме оштетени, рече Златко Стојчев, лозар од Кавадарци.
Министерот Димковски повтори дека се предвидени два денара поддршка за четири сорти горзје, за разлика од лани кога беа обезбедени по еден денар само за „вранец” и „смедеревка”, како и дека оваа дополнителна субвенција е договорена заедно со лозарите. Според него, кога лозарите зборуваат за цената, треба да бидат чесни и да се осврнат и на квалитетот.
-Зборувате само за цената, но не кажувате каков е квалитетот. Има грозје и од девет и од 29 денари. Кога зборуваме за просечна цена, тогаш таа е минимум 15 – 17 денари ако се земе предвид редовната субвенција, плус дополнителната интервентна мерка, напомена министерот и дополни дека кога се интервенира во земјоделството, многу е битно да не се наруши пазарот.
Од здружението „Напредни лозари” потврдија дека биле на преговори со министерот многу пати.
-Двата денара дополнителна поддршка беа ветени во последните преговори со министерот. Инаку, факт е дека грозјето последните 30 години е ценовно осакатено. Немаме цена, всушност овие цени се смешни, а винариите се најголемите уништувачи на лозарството. Владата прилично направи, но сепак, мора да се изнајде механизам винариите да се вразумат и цената на грозјето да биде 10 до 12 денара. Тука е секако и потребата од закон за лозарство и грозје со кој ќе бидат опфатени најсниската цена, либерализацијата на пазарот и кооперантските односи, истакнаа од „Напредни лозари”.
Во текот на дебатата оризопроизводители побараа поголеми субвенции зашто цената на оризот и арпата, како што посочија, е многу ниска, тутунари ја пофалија Владата за зголемената поддршка, а стана збор и за состојбата во сточарството и пчеларството. Ставовите беа поделени. За едни, владините мерки даваат резултат, а за други – останаа само предизборните ветувања.
-Сточарството е на нула. И со последната мерка на Министерството, трошоците не можеме да ги покриеме. Од друга страна, бројот на овци е драстично намален. Тврдам дека нема повеќе од 450.000, рече претседателот на Здружението Агроцентар од Велес, Митко Јанков.
Дритон Дикена, пак, од Здружението на пчелари, рече дека бројот на пчелни семејства е зголемен од 70.000 на 242.000.
-Раст има. Субвенциите ни беа зголемени од 600 на 800 денари. Но, политиките треба да се менуваат за да има помлади лозари, сточари, пчелари… Старосната граница кај нас е 58 години, така е и во другите гранки, нагласи Дикена.
Спомнат беше и неодамнешниот протест на земјоделците пред Владата за кој министерот Димковски повтори дека бил партиски мотивиран. На тоа реагираше Јанков, кој беше еден од организаторите на протестот, нагласувајќи дека причината да се излезе пред Владата била единствено незадоволството поради неисполнетите, а ветени барања.
-Да не мешаме политика во земјоделството, да имаме една, заедничка стратегија. За барањата на земјоделците мора да се прави сериозна анализа, а со секоја од мерките што ќе ги преземеме, треба да се поттикне производството, порача министерот Димковски.