По неколкумесечна дебата, владејачката коалиција во Германија постигна договор за „основна пензија“. Договорот предвидува плаќање на низок додаток за пензија.

Лицата кои плаќале придонеси најмалку 35 години и имаат мала пензија, од државата ќе добијат додаток: за самци – ако нивната пензија е помала од 1.250 € и парови ако пензијата е помала од 1.950 €. Се проценува дека меѓу 1,2 и 1,5 милиони пензионери ќе го добијат овој додаток и дека тој ќе го чини државниот буџет помеѓу една милијарда и една милијарда и пол евра. Овој додаток ќе треба да се исплатува од 2021 година.

И досега, во Германија имало паричен надоместок за оние со ниски пензии. Но, тоа беше социјална помош и ја плаќаше социјалната служба. Според Федералното биро за статистика, 1,1 милиони луѓе го примиле овој додаток минатата година. Просечниот износ на додатокот беше 796 евра.

Што е основна пензија?

За да не станат социјални случаи по напорната работа цел живот и редовните усплати во пензискиот фонд, владејачката коалиција се согласи да воведе основна пензија. Кој работел, воспитувал деца или се грижел за стари или болни членови на семејството со години ќе добие пензија што е многу повисока од минималната за егзистенција обезбедена од социјалната служба.

Според тоа, услов е дека некое лице има најмалку 35 години стаж, што вклучува плаќања на осигурување за време на работа, одгледување деца или грижа за постари или болни лица во семејството.

Проценките на потенцијалните корисници се движат од 320.000 (Институт за емпириски социјални и економски истражувања) до скоро три милиони (Студија од фондацијата Бертелсман и Институтот за германска економија).

Проверка само на приходи не на средства

Договорот на коалицијата ЦДУ, ЦСУ и СПД предвидуваше дека потребата од плаќање на надоместокот ќе биде проверена на ист начин како што се утврди потребата за плаќања за социјална помош до денес. Сепак, СПД подоцна се спротивстави на тоа и се откажа од проверка на имотот на пензионерите и нивните партнери.

Затоа, само приходите ќе бидат проверени. Ова значи за пензии ќе се проверуваат приходи од изнајмување недвижнини, продажба на акции и слично. Но, имотот е исклучен од верификација. Ова значи дека е теоретски можно некој да живее во домот на неговиот партнер и да добие додаток од државата заради мала пензија.

 

Забрането превземање на содржината без претходна согласност од редакцијата на БанкоМетар.мк