МојДДВ покажува дека дава резултати за целта за која е наменет, односно над 150.000 луѓе активно скенираат сметки. Ова во интервју за МИА го вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.

– „Сакаме овој опсег уште повеќе да се прошири. За таа цел од средината на декември ќе започне МојДДВ #МојаНаграда. Наградниот фонд за играта ќе биде половина милион евра и ќе се доделуваат парични награди на дневна, месечна основа, како и две главни премии. Покрај повратот, кој ќе го остваруваат граѓаните со скенирање на фискалните сметки, тие ќе може да станат и добитници на парична награда. Со ова граѓаните ќе имаат уште поголем мотив да влијаат и на адресирањето на сивата економија, односно секоја скенирана фискална сметка потенцијално е добитна – односно зборуваме за една вин-вин наградна игра, бидејќи сите добиваме – единствено кога губи сивата економија. Надградената мобилна апликација ќе содржи и едукативни елементи“, вели Ангеловска.

Мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ е во полн ек, а средствата од повратот остварен во месеците јули, август и септември на граѓаните ќе им бидат исплатени на трансакциските сметки до крајот на декември оваа година. Од воведувањето на мерката на 1 јули оваа година, парите за првите три месеци ќе бидат на сметките во декември.

По исплатата во декември, ќе следува исплата во текот на месец февруари за месеците октомври, ноември и декември, во април за месеците јануари, февруари и март, во август за месеците април, мај и јуни и во ноември за месеците јули, август и септември.

Во наредниот период Управата за јавни приходи ќе излезе со целосна анализа и податоци за мерката „МојДДВ“ преку којашто ќе се видат придобивките и во однос на намалувањето на сивата економија.