Курсот на еврото во однос на доларот минатата недела ослабна за повеќе од три проценти на 1,0496 долари.
Еврото го достигна најниското ниво во однос на доларот во последните 12 години, откако Европската централна банка (ЕЦБ), почна да откупува државни обврзници, додека во САД се очекува заострување на монетарната политика.
Еврото ослабе и во однос на јапонската валута, и неговата цена се лизна за 2,7 проценти на 127,40 јени.
Инјектирањето на свежи пари од страна на ЕЦБ ја зголеми ликвидноста на финансиските пазари, што предизвика пад на приносот на обврзниците на поедини членки на еврозоната во негативна територија, а кај останатите земји членки паднаа на рекордно ниско ниво.
Од друга страна, приносите на американски обврзници се зголемија, бидејќи по неодамна објавените податоци за продолжување на силниот раст на вработеноста во САД, повеќето инвеститори очекуваат Банката на федерални резерви (ФЕД) на САД во јуни да ги зголеми клучните каматни стапки.
Поради тоа во изминатите две недели курсот на еврото во однос на доларот падна за повеќе од 6 проценти и се спушти на ниво кое многу аналитичари го очекуваа дури на крајот на оваа година или следната година.
Затоа некои аналитичари очекуваат доларот поддржан од страна на растечкиот јаз меѓу каматните стапки на пазарите во САД и Европа, да стигне до паритет со еврото.
“Мислам дека нема да има претерување да се каже дека минатата недела беше одбележана со настани кои радикално ја променија ситуацијата. Комбинацијата на најновите показатели за вработувањето во САД и почеток на програмата на квантитативното ублажување во Европа ја заостри сликата за различните монетарни политики. Инвеститорите сега се убедени дека ФЕД може да превземе акција кон средината на годината, во овој контекст, гласините за паритет, па дури и пад на курсот на еврото под вредноста на доларот не се претерани “, изјави Neil Mellor, валутен аналитичар на Bank of New York Mellon во Лондон.