Јавната администрација е главниот конкурент на приватниот сектор! Вака смета Неда Малевска од Центарот за управување со промени. Коментирајќи ја ситуацијата со интензивирање на огласите за вработување во јавните државни и локални институции, Малевска вели дека имаме постојано зголемување на бројот на вработени во администрацијата во јавниот сектор.
Универзитетскиот професор, Драган Гоцевски, вели дека распишувањето на огласи во време кога веќе е познат датумот на избори, остава голем простор за сомнежи дека тоа се прави за политички придобивки од страна на власта.
Министерот за администрација, Дамјан Манчевски инсистира дека вработувањата се прават согласно Законот. Според него, повеќето институции имаат недостаток на соодветен кадар.
Министерот Манчевски вели дека неговото министерство ќе ги анализира вишокот работни места на централно, но и на локално ниво. Експертите велат дека во локалните самоуправи се покажа дека во последните десет години има пораст на оперативните трошоци и намалување на инвестициите во проекти. Затоа, за да се намали бројот на вработени во администрацијата, тие предлагаат формирање на меѓуопштински институции, формирање на регионални канцеларии, но и дигитализација на јавните сервиси.