Постојат повеќе алтернативи во кои може да се инвестираат расположливите средства. Вообичаено, инвеститорите практикуваат вложување на расположливите средства во  различни инвестиции, заради диверзификација на ризикот. Општо земено, овој пристап на распределба на паричните средства во различни инвестиции, во основа, треба да овозможи намалување на вкупниот ризик на инвестициите[1]. Многу често, оваа диверзификација се однесува на комбинација на инвестиции во домашната валута наспроти инвестиции во странска валута. Кај нас, ова е особено случај кај депозитите, каде што покрај депозити во денари, населението држи и депозити во странска валута, најчесто во евра. Штедењето во странска валута, најчесто мотивирано од потребата за диверзификација, а кај нас и од навиките од минатото, е поврзано со посебен вид ризик – валутниот ризик.

Валутниот ризик претставува ризик од евентуална промена на девизните курсеви, којашто особено доаѓа до израз при различна валутна структура на средствата и обврските, односно на расположливите парични средства и побарувања, наспроти обврските и долговите за плаќање. Во овој контекст, постои посебна регулатива за банките[2] којашто се однесува на нивната изложеност на валутен ризик, со цел да се ограничат евентуалните неповолни последици од валутна неусогласеност на нивните средства и обврски. По истата логика, банките се должни при кредитната анализа и одобрувањето девизни кредити на компании коишто се занимаваат со надворешнотрговска размена и следствено имаат изложеност на валутен ризик, да го разгледаат и прашањето дали компанијата води сметка за степенот на покриеност на нејзините обврски во странска валута (кредитот што ќе го добие) со приливи во странска валута. Кај која било фирма, доколку поголемиот дел од паричните одливи за покривање различни обврски е во странска валута, а поголемиот дел од паричните приливи е во домашна валута, евентуалната промена на курсот би се одразила врз способноста за отплата на обврските. Следствено, и домаќинствата, секое од свој аспект, имаат потреба за следење на изложеноста на валутен ризик, доколку имаат приливи или одливи во странска валута.

Во нашата земја, одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, веќе подолг временски период, придонесува за заштита на домашните субјекти (населението, компаниите, банките) од овој ризик во однос на еврото. Кај банките и компаниите, а евентуално и кај населението коешто има девизна изложеност во друга странска валута (американски долар или швајцарски франк), таквиот ризик сепак постои. Во некои земји од регионот сѐ уште не се заборавени искуствата од пред неколку години, кога силната нагорна промена на вредноста на швајцарскиот франк доведе до значително зголемување на долгот на населението коешто користело кредити во оваа валута (без соодветна покриеност со приливи во истата валута), што понатаму доведе до неможност за отплата на долгот, а тоа, пак, се одрази со високи загуби за банките.

Покрај валутната диверзификација на инвестициите, дополнителна мотивација за избор на одредена инвестициска алтернатива, конкретно за изборот на денарски или девизни депозити како инвестиција, е разликата во приносот. Каматните стапки, односно приносот на депозитите во локална валута е повисок во однос на приносот што може да се оствари на депозити во странска валута, бидејќи каматната стапка на депозитите во локална валута ја вклучува и премијата за ризик за домашната економија во однос на развиените економии со конвертибилни и широко употребувани валути (евра, долари). Каматните стапки на депозитите во странска валута ги следат меѓународните движења за приносите во овие валути. Во периодот на и по глобалната финансиска криза, при ниски (па и негативни каматни стапки во еврозоната), каматните стапки за депозити во евра, кај нас, а и во многу други земји, се многу ниски. Следствено, депозитите во домашна валута, не само во периодот на кризата, туку и општо земено, носат поголем принос од штедењето. При ниска и стабилна стапка на инфлација, споредлива со еврозоната, поголема разлика кај номиналниот и реалниот принос на депозитите во домашна валута не би се очекувала, така што гледано и од аспект на вкупниот реален принос, денарските депозити се поисплатливи.   

За инвеститорите кои сепак ризикот од валутата го ставаат пред приносот, односно водат сметка да бидат покриени за валутниот ризик, постојат и инвестициски алтернативи во облик на денарски депозити со девизна клаузула (како и денарски државни хартии од вредност со девизна клаузула). Девизната клаузула подразбира соодветен надомест во случај на настанување на валутен ризик, односно при промена на девизниот курс кон одредена валута, доколку тоа се случи во периодот на држење на финансискиот инструмент. Сепак, бидејќи овие финансиски алтернативи се помалку ризични (вклучуваат заштита од валутен ризик), нивниот принос е помал во споредба со денарските депозити (или денарските државни хартии од вредност, соодветно).    

 

Што треба да знаете за валутниот ризик и валутните склоности при инвестирање?

Потребно е внимателно да ги согледате евентуалните ризици од настанување на валутен ризик, водејќи сметка за соодветна покриеност на одливите во странска валута со приливи во странска валута. Ризикот од промена на валутата разгледувајте го во комбинација со приносот кој може да го остварите и обидете се да ја изберете најдобрата комбинација на инвестирани средства, од аспект на валута, но и од аспект на принос.