Со програмата за самовработување се поддржани 22 деловни приказни. Од Фондот за иновации објаснуваат, овие компании се дел од над 100 старт-ап фирми кои изминатиов период добиле пари.

Од сон до реалност- презентирани 22 успешни деловни приказни поддржани со програмата за самовработување. Мерките на државата, трета година се приспособуваат на потребите на општеството и се поттик за почнување бизниси, оценуваат од Фондот за иновации. Објаснуваат дека целта е граѓаните да останат и тука да ги реализираат своите претприемачки идеи.

Од Агенцијата за вработување велат дека со овој проект досега се регистрирани 1.400 успешни бизнис- идеи и преку нив исто толку самовработувања. Сметаат дека овој модел предизвикал интерес кај граѓаните.

Иднината им припаѓа на луѓето кои имаат добри, иновативни идеи, кои вложуваат напори и бараат решенија за подобрување на условите во светот воопшто, рече постојаната претставничка на програмата за развој на ОН.

Со ова се остваруваат многу соништа на млади претприемачи кои сакаат да вложат во земајава, рече министерката за труд и социјална политика. Годинава државата одвоила 1 милијарда и 100 милиони денари, а за наредната година уште 200 милиони повеќе.