Диверзија… Тоа е првиот збор кој ми паѓа на памет, кога ќе помислам на нашите економски и финансиски политики. Да не е жално, би било смешно.

Последен диверзантски трик од нашата финансиска „кујна“ е укинувањето на сметкопотврдата. Па уште имаме и видеоклип за средување на куповите со документи кои се зачистуваат сами од масата со магични дигитални трикови се складираат во фајлови. И сето ова е во ред, сепак и оваа наша античка земја е во 21 век, па би било добро да го фатиме барем чекорот со 20-тиот век, но ваква „реформа“ дали не би била пологична да ја предложеше министерот за информатичко општество? Или тој да ја спроведеше? Ваљда ова во тој ресор би спаѓало… Што во суштина работи тоа министерство ако дигитализацијата на сметкопотврдите е главен приоритет на министерството за финансии?

Знае ли новата министерка што уствари треба да прави во министерството за финансии? И има укажано некој? Не остава таков впечаток…. Почна неславно со градењето на својот „тим“, каде имавме разноврсна група составена од „независни експерти и аналитичари“ до стриптизети. На крај испадна дека стриптизетата имала поголем морал од останатите и си поднесе оставка. Наредните месеци министерката се впушти во себепромоција и дигитална “изација“ на македонскиот феминизам. За потоа да го врати рамниот данок како десничарски камен темелник на либералниот капитализам, со онаа позната македонска леснотија во изговорите, едноставно не функционирал…. и толку е објаснувањето…

За до денес да дојдеме до епохалното откритие, изумот на веков во античкиве донамби – укинувањето на сметкопотврдата… Каков цивилизациски скок, каков исчекор на нашата економија и финансии, каква мудрост и визионерство. Ја отфрливме сметкопотврдата… абе ја искинавме, ја запаливме…чистиме друже, се друго е средено, остана хартиената сметкопотврда да ја расчистиме, бидејќи со се друго расчистивме.

Тоа ти е… Ако поставиш жена, па уште помлада, одма ќе се фати со расчистување и разметување низ куќи…. Нема што да се прави… Ниту таа знае што треба да прави, ниту очигледно има кој да ја подучи. Се таму се „независни експерти и аналитичари“ кои единствено сигурно им е да го земат надоместокот или хонорарот, а вработените платата. Нема што тука многу да се мисли. За овој месец завршивме , ја решивме сметкопотврдата. Дури оваа сметкопотврда има и некое иронично значење, мислам дека до пред 15-тина години министеркава си има играно со салфетки и бележено споменари – па ја влечат вакви „средувања цакум-пакум да биде“. Се е тоа во ред, но треба акција. Бидејќи, расчистуваме со имагинарни непријатели, јас би сакал да и посочам што би требало да работи еден министер за финансии во најсиромашната земја во Европа:

  • Зошто не се разгледа зголемување на корпоративниот данок на компаниите, и онака сите се веќе странски и го репатрираат својот профит во матичните земји, а нашите граѓани се сведени на модерни робови и сите даночни реформи се однесуваат на персоналниот, а не на корпоративниот данок? До кога со тој ропски менталитет?
  • Зошто не се разгледаат реални даночни и стимулативни мерки за младите – за тие да остануваат во земјата наместо да бегаат надвор “трбухом за крухом“?
  • Зошто не се предложат мерки за намалување на дефицитот кој полека но сигурно ја достигнува максималната апсолутна и релативна граница од 100 % од БДП?
  • Зошто не се разгледаат мерки за стимулации на индустрии каде ние можеме да имаме компаративна предност како што е : земјоделието, ИТ секторот и еко-туризмот?
  • Каде се реалните стимули на домашните бизниси и домашниот претприемач? Наместо да им робуваме на странските крупни капитали?
  • Зошто не се „раздрма“ заспаниот девизен курс кој е успан со децении и не генерира раст и развој, а извозот го гуши и не стимулира домашна и извозна активност?

Еве, бидејќи немате одредница каде треба да се движите, за почеток, земете во предвид барем две од предложените мерки и реално посветете се и понудете некое решение. Укинување на образци не е работа на министер на финансии и останати 400+ вработени и ухлебени трутови во министерството… Што ви е бре луѓе?

Џенем со вас… што ние сме згрешиле за да добиваме вакви министри кои треба да го повлечат стопанството напред? Прво го имавме „чокуладниот лудак“ кој кога ќе го споредам со наследниците излезе најербап, па дојде преплашениот Данска со тимот плачковци и фраери кои поднесуваат оставки со ФБ статуси и неговите двоминутни блокади и кочења по говорници, па сега ја имаме министерката за феминизација, дигитализација и себепромоција која во слободно време како министер за финансии расчистува низ папирите како што се прашинестите сметкопотврди… Како бре може нон стоп ова да ни се случува – од вреќа со дозни, секогаш да извлекуваме штрафцигер?

 

 

Наум Димитровски