Ангеловска-Бежоска на Финтек-форумот 17+1 на високо ниво во Вилнус:
Унапредувањата во сферата на дигиталните плаќања можат да придонесат за зголемување на обемот на трговијата, а со тоа и зa растот на економиите
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Финтек-форумот 17 + 1 на високо ниво во Вилнус, кој го организираа Банката на Литванија и литванското Министерство за финансии. На сесиите посветени на значењето на новите финансиски технологии за економскиот развој и трговијата и на рамнотежата меѓу иновациите и управувањето со ризиците, таа посочи на повеќе битни аспекти и се осврна на преземените активности во нашата земја во насока на поддршка на финансиските иновации и создавање поволен амбиент за развој на финтек-секторот.
Во своето излагање, Ангеловска-Бежоска стави посебен акцент на значењето на финансиските иновации за олеснување и поддршка на трговијата, како особено битен предуслов за одржлив развој на малите и отворени економии. Во овој контекст, одделно се осврна на иновациите во доменот на платежните услуги, како важен предуслов за зголемување на трговските врски. „Унапредувањата во сферата на дигиталните плаќања можат да придонесат за зголемување на обемот на трговијата, а со тоа и за растот на економиите.” – истакна таа.
Притоа, гувернерката посочи на активностите кои се преземаат во нашата земја за создавање инфраструктура и регулаторна рамка за иновативни платежни услуги, преку подготовката на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, со кој се применуваат директивите на Европската Унија од оваа област.
На форумот, таа ги претстави и другите проекти кај нас чијашто цел е да го олеснат процесот на иновации во финансиската сфера, како што е платформата за комуникација со финтек-секторот т.н. Порта за иновации. Воедно, ја нагласи и потребата за изготвување развојна стратегија за дигитализација на финансиските услуги во нашата земја.
Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на потенцијалните ризици коишто со себе ги носи процесот на интензивна дигитализација на финансиските услуги, особено низ призмата на ризиците за финансиска стабилност и заштита на потрошувачите. Таа упати на потребата од активно следење на финансиските иновации од страна на регулаторите со цел процена на ефектите врз финансиската стабилност, но и на потребата од активно делување на полето на заштитата на потрошувачите, вклучително и преку финансиската едукација.
Учесници на Финтек-форумот беа високи претставници на централните банки и на министерствата за финансии од сите земји од Централна и Источна Европа, како и претставници на финансиските регулатори во Кина.
Своето учество на овој значаен настан Ангеловска-Бежоска го искористи за да оствари и одделни средби со повеќе меѓународни експерти, на кои се дискутираше за натамошните предизвици на централнобанкарската заедница во сферата на иновативните финансиски технологии и дигитализацијата.