Четири охридски плажи заработија тужби од општина Охрид. Започната е постапка против фирмите и сопствениците кои нелегално стопанисувале и истите ќе бидат изведени на суд.

Од општина Охрид велат дека станува збор за најатрактивните плажи во близина на градот кои по истекувањето на концесијата не ја собрале опремата и не ја вратиле плажата во првобитната положба, туку на диво продолжиле да ја користат. Но бројот на оние кои работеле на идентичен начин е далеку поголем од четири.

Идниот период се очекува да бидат поднесени нови тужби за уште поголем број фирми кои не го почитувале законот. Општината бара узурпаторите да платат закупнина според цените договорени во старите истечени концесии заедно со каматата, а за да се реши проблемот предлага во иднина плажите да бидат под ингеренции на локалната самоуправа.

„Има податоци од кои самиот јас се изненадив. Во однос на сите тие плажи кои периодот наназад функционираат без никакви договори уште од 2012 година. Тоа се добир 6 седум години и рбаотат на диво и никој не постапил да ги заштити интересите на општината. И не е само општината тука во алката на функционирање на еден систем тука е пазарна инспекција, трудова инспекција, тука е и УЈП така да мора да има координираност во однос на решавање на проблемот со плажите. Блиските плажи во градот се само две години без концесија. Тоа се невидени пропусти изминативе години не сум само јас виновен“ – вели Константин Георгиески, градоначалник на општина Охрид.

Ништо позаконски не работеле ниту струшките плажи напротив нивните газди освен што профитирале без концесии – без дозвола  граделе  и платформи, шанкови и други помошни надградби. Инспекцијата на УНЕСКО канцеларијата открила неколку критични точки на струшкиот потег за кои добила ветување од струшкиот градоначалник Мерко дека ќе бидат срушени.

„Ние она што го откривме при посетата на струшкото крајбрежје се нелегални платформи надградби и ѕидови кои мора да бидат срушени и за кои добивме ветување дека ќе бидат санкционирани” – вели Зоран Павлов од канцеларијата на УНЕСКО.

Документацијата и работата на плажите на целото охридско-струшко крајбрежје ја проверува и Антикорупциската комисија, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи.

Проблемот со концесиите на охридските плажи се провлекува со години. Иако Министерството за транспорт и врски најави одземање на ингеренциите на општините до ден денес тоа не се случи.