Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека исклучувањето на Русија од меѓународниот СВИФТ систем на трансфер на пари би значело објавување војна.
„Тоа би било објавување војна, но сепак за тоа е дискутирано“, кажа Медведев и додаде дека тоа е една од причините поради кои руската влада бара начини да го заштити рускиот дел од интернетот.
СВИФТ системот овозможува прекугранични плаќања меѓу 11.000 финансиски институции во повеќе од 200 земји. Првите повици за исклучување на руските банки од мрежата за пренос на пари следеа во 2014 година како одговор на наводната улога на Москва во конфликтот во Украина, пишува Раша тудеј.
Рестрикцијата на пристапот до системот на Русија повторно беше спомната минатата година, кога Курт Вокер, тогашниот специјален претставник на Вашингтон во Русија, кажа дека таа „нуклеарна опција“ е и понатаму можна, но дека „би ги чинела сите кои би биле вклучени“.
Поради потенцијалното исклучување од СВИФТ системот, Русија почна да работи на алтернатива, односно на домашен систем за пренос на финансиски пораки, наречен СПФС, кој веќе се користи во земјата.
Планирано е СПФС да се поврзе со кинескиот прекуграничен меѓубанкарски платежен систем КИПС и идниот индиски механизам за плаќање.
Рускиот платежен систем ќе биде поврзан и со иранскиот СЕПАМ, бидејќи иранските банки немаат пристап до СВИФТ од минатата година, кога САД повторно им ги вратија санкциите.