Шеснаесет илјади и 600 граѓани веќе ги добија средствата од мерката МојДДВ. На нивните сметки државата префрли околу 21 милион денари.
Ова го соопшти денеска министерката за финансии Нина Ангеловска, во одговор на прашање на прес-конференција за проектот за поставување фотоволтаици на јавни објекти, заедно со премиерот Зоран Заев.
– Исплатите се започнати. Пристигнуваат и во трезорот во Министерството за финансии. Најнов податок е дека 16.600 граѓани веќе ги добија средствата на своите сметки или во вкупен износ од околу 21 милион денари се веќе вратени на сметките на граѓаните. Исплатата продолжува постојано, пристигнуваат и се обработуваат податоците, изјави министерката.
Таа додаде дека исплатата на повратот на ДДВ од скенираните сметки започна денеска и ќе се извршува непречено во претстојните денови, се додека не се исплатат сите граѓани кои оствариле право на поврат во првото тримесечје, во износ од околу три милиони евра.
Апелираше до сите граѓани да ги проверат транскациските сметки кои ги внеле за поврат на ДДВ, бидејќи и претстојните денови ќе продолжи повратот на ДДВ.
Министерката посочи дека над 180.000 граѓани секој месец во просек скенираат фискални сметки и дека за овие пет месеци скенирани се над 40 милиони фискални сметки, односно околу 8 милиони сметки месечно.
Податоците, како што соопшти, покажуваат дека најмногу се скенира во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, и во Битола и Штип во однос на најголемата застапеност на граѓани во тие општини во кои скенираат фискални сметки.
Таа потенцира дека од 15 декември започнува МојДДВ #МојаНаграда и дека ова ќе биде уште еден мотив плус за граѓаните да ги скенираат фискалните сметки и со тоа да придонесат во борбата против сивата економија.