Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лејен изјави дека е загрижена за предвидените драстични кратења на идниот повеќегодишен буџет на Унијата.

Намалувањата се предвидени за периодот 2021 до 2027 година, што меѓу другото ќе ја погоди и одбраната.

„Загрижена сум за драстичните кратења што беа предложени“, рече таа на прес-конференцијата денес во Брисел, наведувајќи ги секторите кои можат да бидат погодени – Фронтекс, одбраната, дигиталната агенда и напорите за воведување зелена економија.

Предлог-буџетот беше направен од сегашното финско претседателство со ЕУ и е резултат на компромис што ги рефлектира разликите помеѓу земјите-членки на ЕУ. Темата ќе биде во центарот на разговорите на самитот на ЕУ на 12-13 декември.

Урсула фон дер Лајен рече дека финскиот предлог покажува колку се тешки преговорите за повеќегодишна финансиска рамка. Преговорите треба да ги заврши новиот претседател на Европската комисија Чарлс Мишел, со цел постигнување договор во почетокот на следната година, рече Урсула фон дер Лајен.

Говорејќи за одбраната, таа рече дека предложеното финансирање во финскиот предлог не е доволно и додаде дека Европа треба да инвестира во одбраната. Финска, како претседател на Европскиот совет, предложи придонесите на земјите-членки да бидат утврдени на 1,07% од бруто националниот приход за идниот повеќегодишен буџет.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк