Првата фаза на американско-кинескиот трговски договор речиси ќе го удвои американскиот увоз во Кина во следните две години и е „целосно завршена“ иако треба да се преведе и прочисти текстот, изјави денес американскиот министер за трговија Роберт Лихтизер.

„Треба уште рутински да се прочисти текстот, но тој е целосно, апсолутно завршен“, изјави американскиот министер за Си-би-ес.

Сѐ уште се одлучува за тоа каде претставниците на Соединетите Држави и Кина официјално ќе го потпишат договорот.

По две и пол години преговарање двете страни објавија во петокот дека договорот ќе намали некои американски царини на кинеската стока во замена за зголемено кинеско купување американски земјоделски, индустриски и енергетски производи за околу 200 милијарди долари во следните две години.

Кина со договорот се обврза подобро да ја штити американската интелектуална сопственост, да го ограничи трансферот на американска технологија на кинеските компании и да ги отвори своите финансиски пазари за американските компании. Се обврза и да избегнува манипулации со својата валута.

Кинескиот увоз на американски земјоделски производи би требало да порасне од 40 до 50 милијарди на година во следните две години, соопшти американскиот министер.

Вашингтон се согласи да ги суспендира царините на 160 милијарди долари вредниот кинески увоз кои требаше да стапат на сила денес.

Дали договорот ќе функционира, ќе зависи од одлуките на Пекинг. „Ќе зависи од тоа кој ќе ги носи одлуките во Кина, а не во Соединетите Држави“, кажа Лихтизер.

Договорот нема да ги реши сите проблеми меѓу Кина и САД бидејќи ќе бидат потребни години за интеграција на кинескиот економски систем со кој доминира државата со американскиот сектор кој го водат приватници, додаде тој.

За петокот, кога беше договорен документот, Лихтизер кажа дека е „капитален ден во историјата на трговијата“ бидејќи осве договорот со Кина, Белата куќа на Конгресот му го испрати на одобрување изменетиот американско-мексиканско-канадски договор.

Овие два договори заедно ќе покриваат околу 2 билиони долари трговија.

Меѓутоа, договорот УСМЦА, кој треба да го замени 26 години стариот договор за слободна трговија во Северна Америка НАФТА, сѐ уште се довршува.