Американските санкции поради новиот гасовод Северен тек 2 меѓу Русија и Германија се нечесен обид да се одржат американските позиции на европските пазар на гас, соопшти Кремљ, а истото мислење го има и германската канцеларка Ангела Меркел.
Гасоводот, со кој снабдувањето со гас под Балтичкото Море би одело директно до Германија, треба да биде пуштено во погон во следните месеци. Американскиот Сенат ги потврди санкциите во вторникот.
„Санкциите се директно кршење јна меѓународното право и совршен пример за нечесно натпреварување“, кажа Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, пренесуваат руските агенции.
САД се обидуваат да ја одржат својата „вештачка доминација на европските пазари“ и да ги присилат Европејците да го купуваат американскиот гас по повисока цена наместо од соседна Русија, истакна Песков.
Меркел, пак,изјави дека е против американските санкции на компаниите кои го градат Северен тек 2 бидејќи имаат екстратериторијален ефект.
Сојузот на германската машинско-инженерска индустрија (ВДМА) повика на поголема заштита на европските компании по американското изгласување на санкциите за гасоводот Северен тек 2.
Германски Билд, повикувајќи се на документ за службена употреба на министерството за економија и енергетика на Германија, пишува дека германската влада по стапувањето на сила на американскиот закон „детално ќе ги проучи конкретните последици кои ќе влијаат врз реализацијата на проектот Северен тек 2“.
Потоа, според германскиот весник, ќе биде донесена одлука „со кои конкретни мерки“ владата ќе реагира на законот.
„Германската влада не ја исклучува можноста поради најавените санкции да бидат отежнати работите на положувањето на цевки во данската ексклузивна економска зона“, пишува Билд.
Проектот Северен тек 2 подразбира изградба на два крака на гасоводот, чиј вкупен капацитет ќе изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, преку Балтичкото Море, до Германија.
Планирано е новиот гасовод да почне со работа во првата половина на 2020 година.