Владата донесе одлука за еднострано раскинување на договорот за Иловица без да ја дочека одлуката на Управниот суд, велат од Еуромакс ресурси. Се жалат дека владините институции не си ја завршиле работата, па ги обвинуваат нив дека не ги доставиле сите документи, со што се испраќа лош сигнал за инвеститорите во земјата.
Сметаат дека имаат силни аргументи да го добијат случајот на суд, но прво очекуваат спогодбено решение. Ако тоа не се случи ќе бараат обесштетување, но не наведоа колку пари. Велат дека раскинувањето на договорот е политичка одлука на власта пред избори.
Самиот факт што одлуката на Владата е спротивен на досегашните изјави дека ќе почека на одлуката на Управниот суд, како и моментот во кој се носи одлуката, на прагот на формирање на техничка влада, тоа е силен показател дека се работи за политичка одлука. Не би можел да кажам колкаво би било тоа обесштетување, ако тргнеме по тој пат. Но со оглед на големината на проектот и ивестицијата, ќе се работи сепак за значителен износ. И ќе биде голем товар за националната економија.
Еуромакс ресурси до сега инвестирале 50 милиони евра, а имале план за нови 350. Но сега велат, наместо инвестиции, назначиле меѓународна адвокатска фирма да се подготви случајот да оди на меѓународен суд.
Во едно демократско општество во кое владее правото ние сме навикнати Владата да ги остави судовите да си ја вршат својата уставна улога. Во западните земји ваква една одлука би отворила пат до Уставниот суд и да се обратиме до Европскиот суд за човекови права.
За Владата, работата е чиста. Во случајот не планира да плаќа оштета.
Активистите од Здрава котлина се задоволни што конечно бил раскинат договорот за концесија, кој беше склучен во 2012 та година. Еуромакс има поднесено тужби до Управен суд за неиздадената дозвола за експлотација на минерални суровини.