Во Зборникот издаден по повод десетгодишниот јубилеј од формирањето на Виенската иницијатива е објавен труд за прекуграничното банкарство во нашата земја и воопшто во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ), чии авторки се гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и Фросина Целеска и Љупка Георгиевска од Дирекцијата за финансиска стабилност, банкарска регулатива и решавање банки на Народната банка. Зборникот содржи трудови од еминентни автори од европската централнобанкарска заедница и од меѓународните финансиски институции и организации.

Големото присуство на странски банки е заедничката карактеристика на банкарските системи во ЦИЈЕ. Поаѓајќи од оваа констатација, авторките од Народната банка се осврнуваат на главните придобивки од присуството на странските банки, какви што се полесниот пристап до финансирање, воведувањето на современите практики и во банкарското работење и во корпоративното управување, како и целокупното управување со ризиците.

Во трудот, тие се осврнуваат и на ризиците од прекуграничното банкарство, коишто станаа повидливи со појавата на глобалната економска и финансиска криза, кога дојде до одредено повлекување на странските извори на финансирање во регионот. Притоа, анализирано е и искуството на нашиот банкарски систем, во кој странското финансирање е ограничено, а банките се вклучени во традиционално банкарство, што овозможи ограничување на негативните ефекти од финансиската криза и умерено влијание врз кредитниот циклус. Авторките од Народната банка ги разгледуваат главните предизвици за ефективно прекугранично банкарство, поврзани со потребата од поизбалансиран пристап во финансирањето на банките и избегнување прекумерна прекугранична изложеност и  со потребата за поефикасна прекугранична соработка, заради натамошна поуспешна координацијата помеѓу регулаторите. Во завршницата на трудот, анализирани се и можните ефекти од посткризните регулаторни промени врз банкарските системи од регионот на ЦИЈЕ.

Објавениот зборник на Виенската иницијатива, покрај трудовите посветени на прекуграничното банкарство, содржи и трудови посветени на платформите за соработка во сферата на финансиската стабилност, на значењето на клучните карактеристики на финансискиот сектор во регионот и за неговиот капацитет за поддршка на иновациите и економскиот раст, како и трудови воопшто за искуствата на Виенската иницијатива во изминатите десет години.

Зборникот е достапен тука.

Виенската иницијатива претставува платформа за приватниот и јавниот сектор, којашто ги обединува клучните меѓународни финансиски институции, Европската комисија и релевантните институции на Европската Унија (ЕУ), глобалните и регионалните банки присутни со свои подружници и филијали во ЦИЈЕ, како и регулаторните власти на повеќе земји од Европа, вклучително и земјите коишто не се членки на ЕУ. Преку координирани мерки и активности и ефикасна соработка на овие институции, целта на Виенската иницијатива е да ја одржува и да ја зајакнува финансиската стабилност и да обезбеди заштита од системски банкарски кризи во овој дел од Европа.

Оваа година, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, беше избрана за член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива, како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија.