Производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните се намалуваат, велат од Националната федерација на фармери. Климатските промени прават дополнителни штети, доведуваат до разочарување кај производителите на храна, а ваквата слика е реалност во земјоделството кое е најважната стопанска гранка во земјава, велат фармерите.

Производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните се намалуваат. Животниот стандард на македонскиот земјоделец дополнително го отежнува нелојалната конкуренција, непостоење на договорено производство, недостигот од нови технологии и претприемништво– велат од Федерацијата на фармери.

„Алчноста и немањето општествена одговрност кај големите откупни компании, винарии, млинарници, млекарници ќе придонесат да се уништи македонското земјоделство, бидејќи манипулативниот однос преку ниските откупни цени и понижувачкиот став кон земјоделците едноставно го уништија земјоделецот“, изјави Васка Мојсовска, претседател на Националната федерациија на фармери.

Дополнителен проблем на најважната стопанска гранка во земјава создаваат и климатските промени, кои најмногу влијаат на пченицата, грозјето, доматите, јаболките. Субвенциите им се добредојдени, но бараат откупните цени да бидат реални, а не државата да го надополнува она што им го одземаат откупувачите.

„Бараме да се почитува Законот за земјоделие и рурален развој. Еве пример за пченицата, тој е стратешки производ и за таков државата треба да донесе минимална заштитна цена, а воедно треба да се каже, колку мене ме чини килограм пченица, законски одредено треба да добијам плус 25 посто, тоа не се случило никогаш“, изјави Мемет Синани, Федерација на фармери.

Во земјава околу 180 илјади семејства егзистираат од земјоделство кое продуцира 12 проценти од бруто домашниот производ.