Најавената мерка за поддршка на граѓаните при купување на инвертер клими за греење и ладење ќе започне да се реализира од денес со што повикот ќе биде реализиран иако самиот проект се соочува со одредено доцнење од неколку месеци. 

Премиерот Зоран Заев, денеска најави дека од денес ќе почне распределбата на парите за вградување инвертери, како мерка на владата за намалување на загадувањето на воздухот. Со оваа мерка околу 10.000 граѓани од Скопје, Тетово, Битола и Кичево ќе добијат ваучери за купување инвертери, со обврска да ги вратат грејните тела кои ги употребувале досега, а кои биле на загадувачки и штетни горива.

– Верувам дека општините успешно ќе ја водат активноста, а ние ќе се обидеме преку јавниот сервис да им ги објасниме погодностите на граѓаните – рече Заев.

Тој рече дека активноста ќе се реализира во континуитет.

– Во јануари граѓаните ќе ги добијат ваучерите и граѓаните ќе можат да ги инсталираат грејните тела и потоа да го одложат старото грејно тело – рече Заев.

Премиерот најави и дека од август ќе се имплементира активноста во цела држава со пари од буџетот и со грантови од меѓународни финансиски институции.