Јавниот долг во третиот квартал годинава е на ниво од 47,7 проценти или 1,1 процентен поен на пониско ниво во однос на 2016 година, соопшти денеска Министерството за финансии, истовремено демантирајќи ги тврдењата изнесени од дел од медиумите дека јавниот долг во третиот квартал изнесува 48,6 проценти.

Податокот за долгот, се потенцира во соопштението, е јавно достапен на веб страната на Министерството за финансии

Од ресорното Министерство потенцираат дека „за разлика од периодот од 2008-2016 кога јавниот долг беше брзорастечки и порасна за 25,6 процентни поени, во третиот квартал од 2019 е дури на пониско ниво во однос на 2016 година“.

– Исто така, во објавата се изнесени податоци од стара фискална стратегија. Имено согласно со новата ревидирана фискална стратегија проекцијата за јавен долг за 2020 е намален од 52,3 проценти на 50,4  проценти.Намалувањето на јавниот долг и проекциите за јавен долг се должи на прудентната политика на јавен долг, односно: постепено намалување на фискалниот дефицит, намалување на бројот на аукциите на државни хартии од вредност и намалување на каматните стапки како резултат на зголемената доверба на инвеститорите, соопштуваат од Министерството за финансии.