На редовната 174-та седница Владата ги утврди текстовите на предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување, како и предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.

Со овие законски решенија се предлага за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година, да бидат отпишани сите камати на граѓаните-должници кон јавни и државни претпријатија, или државни органи и установи, и репрограмирање на главницата на долгот, како и отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, со кој се предвидува надминување на проблемите на јавните претпријатија основани од општините, особено за долговите преземени од страна на општините.