Индустриското производство во ноември годинава е за 2,1 отсто намалено во однос на ноември 2018 година, а во првите 11 месеци од годинава има пораст од 4,7 отсто во споредба со истиот период лани.

Според податоците на Државниот завод за статистика во ноември годинава во споредба со ланскиот ноември, во секторот Рударство и вадење на камен се бележи опаѓање од 11,9  отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пораст од 0,7  проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 9,6 отсто.

Кај групата Капитални производи има раст од 6,6 отсто, а опаѓање има во групите Енергија за 10,7 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 1,8, Трајни производи за широка потрошувачка за 3,4 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,2 отсто.

Бројот на работниците во индустријата во ноември годинава е намален за 2,8 отсто во однос на ноември 2018 година, а во првите 11 месеци од годинава е помал за 1,5 отсто во споредба со истиот период лани.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење камен во ноември 2019 година, во однос на ноември 2018 година, бележи пад од 2,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пад од 2,9, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пад од еден отсто.

Анализирано според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во ноември  годинава споредено со ноември лани бележи пораст од 2,8 отсто во индустриската група Капитални производи, а опаѓање има кај Енергија за 2,6 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 3,7, Tрајни производи за широка потрошувачка за 3,6 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,7 отсто.