Белгиската авиокомпанија „TUI Fly Belgium” од 6 јуни 2020 година ќе воведе авионски линии на релации од Брисел до Охрид и до хрватскиот град Пула и обратно, објави специјализираниот портал за авиосообраќај simpleflying.com.
Според порталот, компанијата ќе лета еднаш неделно на релација Брисел – Охрид и Охрид – Брисел, со почетна цена на билетот од 89,99 евра.
Во промотивниот материјал на новата линија „TUI Fly Belgium” наведува дека Охрид е „една од најстарите населби во Македонија”.
– Самоиловата тврдина и црквата „Св. Климент Охридски” се најинтересни локации. Дополнително, регионот е познат по прекрасната природа, вклучително и планинското Охридско Езеро, се наведува во промотивниот материјал на „TUI Fly Belgium“.
Порталот потенцира дека комбинацијата на убави предели, топлото време и богатата историја ја прави Македонија популарна дестинација за туристички посети. Според податоците на „Топ Хотел Њуз”, туризмот во Македонија во 2018 година бележи раст од 22 проценти, наведува simpleflying.com.
„TUI Fly Belgium” е компанија ќерка на „TUI airlines Belgium”, која е дел од германската „TUI Group”.