Политиката во фокусот, членството во НАТО, неизвесноста за добивање датум за отпочнување преговори со ЕУ, избори секоја година, редовни, предвремени, партиски препукувања, корупција, длабока поларизација во општеството е она што го оставаме зад нас, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Таа додава дека генералната слика е дека политиката е секогаш пред економијата, што во голема мера, како што рече, ја комплицира и онака сложената состојба во земјава, каде во институциите се чини се занемарува принципот на професионалност и меритократија.

Арсовска истакна дека доколку се продолжи со тоа, дневнополитичките несогласувања на чинителите да ни го креираат начинот на живот и да влијаат негативно на секојдневието наместо да се посветат на позитивни мерки за раст, за очекување е приватниот сектор да се соочи со тешка 2020.

„Без основни постулати за подобрување на деловното опкружување ќе нема ниту подобри услови за работа, ни за живот во Македонија. Прво, а кое е поврзано и со претстојните избори и она што нè очекува во 2020, е сите чинители да се посветат на минимизирање од поларизацијата во општеството. На стопанството и на граѓаните им е потребно политичките чинители да водат позитивни кампањи, да ги минимизираат дневнополитичките несогласувања, да изнајдат компромис за клучните прашања за националниот просперитет и да се посветат кон забрзан економски развој“, вели Арсовска.

Таа додава дека многу малку се реализира од она што политичарите го ветуваат во предизборните кампањи и дека често се менуваат законите без консултација со засегнатите страни со што се донесува неприменлива легислатива.

„Нема оправданост во донесување на законите без консултација со стопанството, поточно без оние кои треба да ги применуваат конкретните закони. Тоа води кон импровизирање и законски решенија кои се неприменливи во пракса, кои резултираат со потреби од нови измени. Ни компаниите, ни институциите немаат доволно капацитет да ги следат и применат доследно големиот број закони кои се менуваат. Дополнително постојат непрецизирани закони, кои отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежности меѓу институциите. Според препораките на Советот на Европа, со наше учество како засегнати страни во самото драфтирање на законите може да се изготви квалитетна, применлива и функционална регулатива“, вели Арсовска.

Таа истакна дека приоритет и во 2020 треба да биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси од сивата економија, која во моментов е над 37% од вкупната економија.

Таа додаде дека одложувањето на преговорите со ЕУ, не треба да е причина за скршнување од патот кон спроведување на неопходните структурни реформи.