Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во новата 2020 година продолжува со спроведување на реформите и мерките за развој на земјоделството, се наведува во соопштението од МЗШВ. 

Формирањето  на техничката Влада нема да го закочи спроведувањето на мерките коишто се планирани со тековните годишни Програми. Поддршката за земјоделците ќе продолжи и во новата 2020-та година, ВМРО ДПМНЕ нема маневар да го спречи развојот на земјоделството.

Согласно планот, и во следниот период Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе продолжи со навремената и неселктивна исплата на субвенциите од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2019-та година. Годината што измина заврши со реализација на исплата од 99 отсто на субвенциите по Програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Од 1-ви јуни 2017 заклучно со 31-ви декември 2019 година се исплатија 335 милиони евра за субвенции во агросекторот. МЗШВ секогаш кога беше потребно преземаше соодветни мерки за покривање на загубите кои земјоделците ги претрпеа поради временски непогоди или нарушувања на пазарот. Изминатата 2019 година се исплатија над 140 милиони евра за интервентни мерки, кои беа во корист на земјоделците.

Непречено и согласно динамиката ќе продолжат инвестициите во водостопанската инфраструктура. Во моментов во полн ек е реализацијата  на крупни инвестиции во водостопанството како што е браната Конско, системите за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза и Равен-Речица, браната Речани, малите еколошки системи за наводнување и други инвестиции во водостопанството.

Земјоделската 2019 –та  беше потврда на добрите политики на Владата и година во којашто се донесоа мерки од коишто директен бенефит имаат земјоделците. Се реализираше мерката за зелена нафта, за прв пат се изврши поврат на персоналниот данок на доход кај 17.000 земјоделци, над 80 милиони евра се вратија на нивните сметки. Се потпишаа договорите за финансиска поддршка до 10.000 евра за младите земјоделци. За прв пат и локалните акциски групи добија финансиска поддршка. За поголема вклученост на жените земјоделки Владата воведе мерка за грант од 3.000 евра за жените земјоделки. Парарлено се направија измени и дополни на закони кои се важни за земјоделците, како што се Законите за вино, за државно земјоделско земјиште, за земјоделство и рурален развој. Се донесе комплетно нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Започнатите процеси за реформи во секторот, ќе продолжат и оваа година, затоа што земјоделството е наша стратешка гранка, а оваа Влада со своите политики покажа што значи вистинска грижа за земјоделците и развој на земјоделството.