Претседателите на Турција и Русија свечено го одбележаа пуштањето во работа на гасоводот Турски тек кој ќе го пренесува рускиот гас до Европа преку Турција, одминувајќи ја Украина, но и Македонија. 

Гасоводот минува преку Црното Море и ги јакне енергетските врски меѓу Москва и Анкара, кои ја зајакнаа и одбранбената соработка откако Анкара минатата година го купи напредниот руски противракетен систем С-400.

Русија и Турција ги координираат и воените акции на североистокот на Сирија иако поддржуваат спротивставени страни во борбите за Идлиб, а се на спротивни страни и во борбите за контрола врз Либија.

Претседателите Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган го инаугурираа проектот на свеченост во Истанбул, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Гасоводот е симбол на интеракцијата и соработката за доброто на нашите народи и народите на цела Европа, целиот свет“, кажа Путин.

Опишувајќи го како проект од „историска важност“, Ердоган кажа дека Турција преку гасоводот ќе може да увезе 15,75 милијарди кубни метри гас годишно.

„Не дозволивме нашите разлики во мислењата да ги блокираат нашите заеднички интереси“, кажа Ердоган.

Русија на 1 јануари почна да доставува гас во Европа преку новиот гасовод, објави во неделата Булгартрансгаз.

Газпром на Бугарија преку Турски тек ќе ѝ испраќа околу 3 милијарди кубни метри гас годишно, со што ќе се замени рутата преку Украина и Романија, стариот Трансбалкански гасовод.

Русија работи и на удвојување на капацитетите на гасоводот Северен тек со новата линија која минува по Балтичкото Море до Германија.

Ердоган и Путин свечено го отворија Турски тек, им се придружија и Вучиќ и Борисов (ВИДЕО