Речиси 80 отсто од планираниот откуп на тутун е веќе завршен, а засега е постигната највисока просечна откупна цена во последните шест години, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој заедно со директорот на Државниот инспекторат, Зоран Шапуриќ, и со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, беа во посета на Тутунскиот комбинат Прилеп и на откупниот пункт во с. Мало Коњари, Прилепско.
„До денеска откупени се 20 милиони килограми тутун и постигната е просечна откупна цена од 222,5 денара за килограм. Или вредноста на откупениот тутун е речиси 4,3 милијарди денари, од кои 4,1 милијарди се веќе исплатени од страна на претпријатијата кон тутунопроизводителите. Ова е една доста висока просечна откупна цена. За споредба, во 2018 година просечната откупна цена беше 214,2 денари за килограм, во 2017 беше 217,5 денари за килограм. Ако ги споредиме и претходните години, во 2014 година просечната откупна цена била приближно 118 денари, а во 2015 година просечната откупна цена била 185 денари. Очекуваме оваа цена да биде задржана до крајот на откупот“, изјави министерот Димковски.
Договорената количина за откуп од реколатата 2019 е околу 26 милиони килограми. Досега, речиси 30 отсто од откупената количина тутун е прва класа.
Министерот Димковски посочи дека од оваа година според новиот Закон за тутунот, производи од тутунот и сродните производи се укинуваат евидентните листови, со што драстично ќе се олеснат административните процедедури за тутунопроизводителите, односно договорите ќе ги склучуваат директно со откупните претпријатија.
Со цел стимулирање на квалитетот, со новиот модел за зголемени субвенции, што го воведе Владата на Република Северна Македонија, субвенциите за прва класа тутун се 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. На овој начин се мотивираа тутунопроизводителите да произведуваат квалитетен тутун за да постигнат и повисока откупна цена.