Цените на храната на меѓународните пазари во декември се зголемија на највисоко ниво во пет години, како резултат на значителното поскапување на растителните масла, шеќерот, млекото и млечните производи, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

ФАО-индексот на цени на кошничката со основни прехранбени производи во декември се зголемила за 2,5 проценти во однос на претходниот месец, на просечни 181,7 поени, што е највисоко ниво од декември 2014 година.

Во декември најмногу се зголемиле цените на растителните масла, за 9,4 проценти во однос на ноември, а на тоа влијаела силната побарувачка на палмино масло, особено за производство на биодизел.

Шеќерот, исто така, значително поскапел, за 4,8 проценти од ноември, како резултат на зголемувањето на цената на суровата нафта, што ги поттикнало бразилските фабрики за шеќер да ја пренасочат шеќерната трска за производство на етанол. Тоа ја намали понудата на шеќер на глобалниот пазар.

Индексот на цени на млечни производи на ФАО на месечно ниво се зголемил за 3,3 проценти, како резултат на порастот на цената на сирењето, за речиси осум проценти, поради намалениот извоз од Европската Унија и Океанија.