Покачувањето на пензиите за вкупно 324 илјади пензионери власта го оправдува со зголемување на минималната и просечната плата на вработените како и со пад на дефицитот во пензискиот фонд.
Нема популизам во одлуката, кажа денеска на прес конференција Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
Пензионерите задоволни, покачувањето од 722 денари ќе им значи на оние со инвалидска пензија, велат од здружението
,,Зголемувањето им оди во прилог најмногу на корисници што примаат до просечниот износ на пензија, а тоа се околу половина од вкупниот број на пензионери, рече Станка Трајкова од здружението на пензионери.
,,Покачувањето се базира и на приходите кои се зголемија кај работоспособното население и минималната плата која само во минатата година се зголеми за 15 отсто, а просечната плата за 5 проценти. Законски се утврди трето дополнително усогласување на пензиите во нашата држава за сите пензионери со зголемувања од пет проценти вкупно. Со ова добиваме просечната пензија оваа година да изнесува 15.500, а за две и пол години таа пораснала за 1.746 денари, изјави Вицепремиерката Царовска.
Соодносот во пензискиот фонд сега е на 1.8 вработени, еден пензионер, а за да биде самоодржлив, според Царовска , тој сооднос треба да биде на тројца вработени еден пензионер.
Власта уверува во стабилност на пензискиот фонд, според директор Шаип Зењели истиот го сочинуваат вкупно 580 илјади осигуреници, а приходите пораснале за 10%.
Државниот завод за ревизија од направениот финансиски мониторинг пред две години , а објавен лани во декември, утврди дека учеството од изворните приходи од наплатениот придонес од пензиско и инвалидско осигурување секоја година во континуитет бележи пад во однос на средствата кои се одвојуваат од буџетот.