Отписот на каматите на долговите на граѓаните кон јавните и државни претпријатија го помина собранискиот филтер, и најверојатно утре на седница ќе го гласаат пратениците. Покрај каматите ќе се бришат и затезните камати кај судските постапки и трошоците кои произлегуваат од нив кај нотарите, извршителите. Ова произлезе од двата амандани од опозицијата кои беа прифатени. Но, најмногу врева крена амандманот со кој опозицијата бараше бришењето на каматите да не важи за сите туку само за граѓаните со минимален гарантиран доход, кој не беше усвоен.
- Јас ја сфаќам широкоградоста на парламентарното мнозинство пред избори, меѓутоа сакам да му посочам и на колегата Минов за односот на оние што веќе ги платиле долговите и какво ќе биде чувството нивно кога ќе се стават во споредба со овие граѓани кои што сега ќе можат да ги искористат овие поволности.
- Овде класификацијата не е по вид на граѓани, по примања на граѓани, туку класификацијата е по предмети. Значи се работи за стари извршни предмети кои се трансферирани, грото од предметите за кои ова ќе се однесува се всушност тие, и тие се трансферирани 2011 од судовите кај нотари и извршители.
Со предлог законот ќе се бришат каматите на долговите на граѓаните кои стигнале на извршување до крајот на 2017 година. Но само тие кон јавни и државни претпријатија, државни органи и установи на централно и локално ниво. Каматите на долговите пак за сметките за струја, телефон, кредити, приватните компании доброволно сами ќе одлучуваат дали ќе ги избришат. Главниот долг за граѓаните ќе се репрограмира и ќе се плаќа на повеќе рати.
Законот пак за отпис на каматите на јавните претпријатија заглави на Комисијата за финансирање и буџет во над 3.100 амандмани.