Прогресивниот данок лани ги зголемил приходите во Буџетот од персонален данок на доход, но сепак, ефектите се значајно помали од можните поради даночната евазија. Ова се вели во новата Стратегија за реформа на даночниот систем 2020 – 2023, што ја подготви Министерството за финансии и која деновиве била презентирана пред научната и стручната јавност. Прогресивниот данок и натаму останува како еден од приоритетите во наредниот период, при што се најавува дека во идните решенија ќе се земат предвид приходите на домаќинствата, покрај оданочувањето на доходот на физичките лица, како и дека е можно воведување дополнителни стапки во даночната прогресија.

Иако ефектите од реформата успеале да ги зголемат приходите, сепак остварените дополнителни приходи можело да бидат повисоки за 51 отсто доколку не се случела промена во однесувањето на даночните обврзници поради воведувањето на прогресивното оданочување“, се вели во документот. Анализата, како што се нагласува, посочила дека најверојатно имало избегнување на данок.

„Веројатните и вообичаени начини на избегнување данок се отворање на сметки во соседните земји и префрлање на доходот во друга земја како и префрлање на доходот на други лица (блиски лица) кои сè уште не го достигнале прагот“, се вели во анализата.

Прогресивното оданочување и натаму останува една од мерките која, според стратегијата, ќе биде повторно активирана, откако претходно ќе бидат направени неопходните анализи и ќе се создадат услови да се спречи даночната евазија.

Во стратегијата се наведува дека ваквото однесување на даночните обврзници фиктивно ја подобри распределбата на приходите, притоа поткопувајќи го фискалниот ефект.

„Заложбата на Владата да се бори против сивата економија, како клучен предуслов за успешно воведување на прогресивно оданочување и воедно како една од главните пречки за економски раст, придонесе кон одлуката да реформата се стави во мирување.

Како што е познато, од 1 јануари 2020 година, мерката за прогресивното оданочување беше одложена за период од три години. Во оваа временска рамка ќе се применува рамниот данок од 10 отсто за сите видови доход, освен за доходот остварен од игри на среќа (каде стапката на данок останува 15 отсто).

Даночната реформа, односно воведувањето на прогресивниот данок на доход беше воведена од почетокот на минатата година и со неа, покрај постојната даночна стапка од 10 отсто, се воведе и стапка од 18 отсто за доход над 90.000 денари. Во Стратегијата се вели дека ефектите од прогресивната даночна стапка биле анализирани од надворешни експерти врз основа на реални податоци за периодот 1 јануари – 30 јуни 2019 година, при што се констатирало дека во првата половина од минатата година, прогресивната и повисоката стапка на данокот на личен доход (ДЛД) придонесе со 12,7 милиони евра во јавните приходи, што е во согласност со изворните буџетски проекции.

„Сепак, потенцијалот од реформата на ДЛД, заснован на податоците за 2018 година, е проценет на 19,2 милиони евра. Поради тоа, кога беше применето ова решение, добивме 51,2 отсто помал фискален ефект од потенцијалот на реформата на данокот на личен доход“, се вели во Стратетијата.

Во документот се наведува дека периодот на одложување од 36 месеци за прогресивната стапка на данокот од личен доход ќе се искористи за да се посвети внимание на подобрување на предложената даночна реформа во однос на земањето предвид на приходите на домаќинствата, покрај оданочувањето на доходот на физичките лица, како и можноста за зголемување на прогресивноста преку додавање на дополнителни стапки.

Стратегијата содржи пет приоритети за креаторите на даночната политика – поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, подобар квалитет на услугите, односно поедноставни и порзи постапки и воведување зелено оданочување, чија главна цел е намалување на загадувањето и заштита на природните ресурси, но како дополнителен ефект не се исклучува и зголемување на приходите.

За спроведување на стратегијата ќе се изготвуваат годишни акциски планови, а ќе се спроведува и мониторинг за сработеното.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ; пак, во својата економска програма за претстојните предвременои парламентарни избори има целосно различен концепт во однос на даноците. Од таму, не само што најавуваат дека ќе биде задржан рамниот данок како концепт, туку и дека ќе ја намалат даночната стапка од 10 на девет отсто, а потоа и на осум отсто.