Познатиот шведски ланец на продавници „Икеа“ во Дубаи воведува можност за плаќање со времето кое купувачот го троши за да стигне до продажниот објект. Иако на прв поглед изгледа дека производите ќе се добиваат бесплатно, ситуацијата, сепак, е поинаква.
Колку повеќе време ви треба да стигнете до продавницата на „Икеа“, толку повеќе производи ќе можете да купите, пишува „Форбс“.
„Купувајте со вашето време“ – (Buy With Your Time) е пораката која шведскиот ланец ја испраќа во светот, најпрво во Дубаи. Сè што треба да направите е на каса да ја покажете историјата на вашето движење на мобилен телефон која ја забележала апликацијата „Гугл мапс“. Тоа ќе биде доказ колку време сте потрошиле за да стигнете до продавница.
Иако оваа новина се однесува само на новоотворената „Икеа“ во квартот Џабел Алија во Дубаи (многу оддалечена од центарот на градот), сепак во прашање е потег кој ги отвора вратите кон важни и радикални промени кога станува збор за купувањето и односот на потрошувачите кон брендовите. Нема сомнежи дека поради новата „монета“ купувачите почесто ќе доаѓаат во Икеа и ќе поминуваат повеќе време во продавницата, а со тоа и ќе купуваат повеќе.
Идејата зад овој потег е дека потрошувачите трошат многу време за да стигнат до продавниците на „Икеа“ кои најчесто се сместени надвор од градовите. За секој производ е воведена „временска монета“ во цената, чија вредност е формирана врз основа на просечната плата во Дубаи.
Оваа поволност, сепак, има и друга страна. Ако сакате да го наплатите времето кое го трошите додека стигнете до продавницата, ќе мора да ги предадете на „Икеа“ податоците за вашето движење.
„Пред да ја покренеме кампањата, сфативме две работи: времето денеска е драгоцено и купувачите трошат многу време за да дојдат до продавницата, која некогаш е далеку од центарот на градот“, наведуваат во „Икеа“ Дубаи и нагласуваат дека порадин тоа е важно да се наградат потрошувачите.