Шпанскиот министер за потрошувачка Алберто Гарзон го претстави планот за престанок на рекламирањето на кладилниците и коцкарниците, со што Владата има намера да застане на патот на порастот на зависноста од игрите на среќа во Шпанија

Во јануари, на власт во Шпанија дојде левичарската коалиција која ја сочинуваат Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и помалата левичарска партија Унидас Подемос (Обединети можеме) на која припаѓа министерот Гарзон. Во предизборната кампања, Унидас Подемос вети дека ќе започне кампања насочена кон заштита на младите луѓе од зависноста од коцкање, а сега планира да го исполни тоа ветување.

Во текот на последната деценија коцкарската индустрија цветаше во Шпанија. Интернет кладилниците, спортските обложувалници и казината го презедоа доминантното место на пазарот од државните лотарии и покер апарати поставени во кафулиња и ресторани, некогашните традиционални игри на среќа.

Владата има намера да го намали ваквото рекламирање на телевизија за 80 проценти и да им забрани на компаниите да користат познати личности за комерцијализација на обложувањето. Меѓу познатите личности кои се користат за промоција на обложувањето е и капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ.

Најголемата кладилница Codere има договор со неговиот клуб Реал Мадрид, според кој Модриќ, добитник на наградата Златна топка 2018 година за најдобар фудбалер на светот, учествува во промотивните настани на оваа кладилница. На нејзината веб-страница е фотографија од него, како и од неговите соиграчи Еден Азар, Тони Крос и Дани Карвахал.

Обложувалниците и покер турнирите користат и други ѕвезди како Кристијано Роналдо и Нејмар бидејќи фудбалот е исклучително популарен во Шпанија. Овие реклами се прикажуваат на телевизија.

„Регулативата треба да биде слична на онаа во тутунската индустрија“, рече Гарзон. „Ние не ја регулираме текстилната индустрија, туку сектор што може да има импликации врз јавното здравство“.

Меѓу предложените мерки е и забраната за промовирање на ваучери за коцкање кои, според Гарзин, ги привлекуваат ранливите групи подложни на зависност од коцкање.

Податоците на владата покажуваат дека обложување преку интернет е тројно зголемено во периодот помеѓу 2014 и 2018 година, достигнувајќи износ од 17,8 милијарди евра.

Се проценува дека играчите во Шпанија годишно губат вкупно 10 милијарди евра преку спортско обложување, казина и национална лотарија, што е околу 0,8 проценти од БДП на Шпанија.