За две децении туризмот во Охрид е во загуба за 11 милиони ноќевања.По истиот основ за истиот период само 1,4 проценти е остварен импакт од оваа дејност во националниот бруто домашен производ иако државата располага со огромен туристички потенцијал.

Ова го покажува најновата анализа на група професори од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид кои велат дека бројките до кои дошле покажуваат дека во периодот од 2000 до 2017 година во регионот доаѓале туристи но ја избегнувале Македонија. Загубите во домашната економија ги детектирале врз основа на намалување на бројот на странски гости, а причината се безбедносните и политичките кризи годините наназад  .

„Наша проценка е дека во перидот од 2000 до 2017 година се генерирани 2 милјарди долари приходи, а се загубени околу 3 милјарди долари приходи по основ на туризмот. Тоа е сериозна сума ако се земат предвид директните ефекти или обртот во националната економија од туризмот како стопанска дејност и се доаѓа до број од 6 милјарди долари загуба за националната економија или половина буџет од РМ“, посочува професор Александар Трајков од ФТУ Охрид.

Во 2000 година биле реализирани од 5-6 проценти ноќевања и тој број во континуитет растел.  Во 2017 год. достигнал и до 40 проценти, но загубите и понатаму  биле големи, покажуваат анализите на студијата. Воведувањето на субвенциите за странските туроператори од 2011 година наваму ја покажале својата предност и двојно го зголемиле бројот на ноќевања.

„Слични мерки да се донесат и за домашните туристи. Ако се видат најразвиените туристички држави ќе видиме дека има поголем број на домашни туристи од колку странци како што е примерот со Франција која остварува 70 посто ноќевања од домашните гости, а не од странски. Треба да се посветиме на домашните туристи, да се ревидираат политиките на субвенционирање, да се зголеми бројот на авио летовите кон Охрид“, предлага проф. д-р Цветко Андреевски.

Анализите покажуваат дека на годишно ниво Охрид генерира помеѓу 150 и 160 милиони долари приходи од туризмот, а најдобра била 2014 година со 170 милиони долари.Креаторите на анализата очекуваат во 2020 пораст на странските туристи за 12,5 посто, а кај домашните гости за 3 проценти.