Заложбите на Европската Унија, но и на нашата земја, се во насока на поголема искористеност на обновливите извори на енергија, што ќе придонесе да се намали загадувањето на воздухот и истовремено ќе влијае благотворно врз здравјето на граѓаните. Инволвираните во енергетската дејност посочуваат дека вложените средства во енергетски проекти за искористување на сонцето долгорочно ќе се исплатат, што ќе ги чини фотоволтаичните системи економски оправдани.

Во тој поглед ни Кичево не е исклучок, каде што благодарение на грантот од ЕУ преку ИПА-фондовите, се инсталирани фотоволтаични системи на две училишни згради и на објектот на пречистителната станица.
– Со посредство на Министерството за финансии, со грант-средства обезбедени од ЕУ преку ИПА-фондовите, во Кичево успешно се реализирани проектите за поставување фотоволтаични системи на три објекти во градот. Нови системи се поставени на основните училишта „Владимир Полежиноски“ и „Мирко Милески“ и „Дрита“, како и на пречистителната станица за отпадни фекални води. Со инсталираните фотоволтаични централи на покривите од наведените објекти се добива електрична енергија со инсталирана моќност поединечно од 15 киловати.

Со инсталирањето на овие системи значително се намалува потрошувачката на електрична енергија, но придобивката или предноста од реализација на овие проекти е што истовремено се зголемува искористеноста на енергијата добиена од алтернативни извори – вели Тино Алексов, одговорен за оваа проблематика во општината Кичево.
Според него, со овие проекти во значителна мера ќе се придонесе за заштита на животната средина, што е трајна определба на грантистите од ЕУ.
– Инаку оваа инвестиција е дел од заложбите на Владата за користење енергија од обновливи извори – додаде Алексов.

На територијата на општината Кичево наскоро ќе биде изградена фотоволтаична централа, најголема во земјава, која ќе биде лоцирана на површините од поранешниот рудник за јаглен Осломеј и ќе зафаќа простор од 1.500 хектари и ќе има инсталирана моќност од 100 мегавати.