Инфо денови за ИПАРД 2 денеска ќе се одржат во Гостивар и Ростуше. Целта на караванот е подобро информирање на граѓаните за поефикасно искористување на ИПАРД средствата.
Утре, инфо денови ќе се одржат во скопските општини Кисела Вода и Студеничани, а задутре во Ново Село и Босилово.
Сите заинтересирани граѓани од овие општини ќе имаат можност да се запознаат со ИПАРД Програмата 2014–2020, особено со новопромовираната мерка 1, со цел, да го развијат и модернизираат сопственото земјоделско стопанство.
На 29.02.2020 година објавен е Јавен повик 01/2020, кој се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства по мерка 1. Корисници на Мерка 1 може да бидат земјоделски задруги, односно физичко лице (носител на семејно земјоделско стопанство), индивидуален земјоделец или правно лице, и задруги. Мерката 1 поддржува примарно земјоделско производство, односно како приоритетни сектори го опфаќа растителното производство, сточарското производство, преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделско стопанство.
– За дополнителни информации и детали за инфо деновите за ИПАРД 2014-2020, сите заинтересирани лица, може да добијат на веб страниците на Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (www.ipard.gov.mk), Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, и тоа: http://ipard.gov.mk/ , http://mzsv.gov.mk/ , http://ipardpa.gov.mk/ , http://agencija.gov.mk/ или на телефонските броеви на Секторот за управување со ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 И 047/228-370. /МИА