Во катастарот во последното тримесечје од минатата година се впишани 1.089.253 станови во државата, од кои под хипотека се околу 136.000, односно 12,48 проценти. Во истиот период во 2018 година имало околу 18.000 станови помалку, а од нив под хипотека биле ставени околу 122.000, или 11,42 %

Сè повеќе граѓани си ги стават становите под хипотека, а расте и бројот на оние кои остануваат без нив.

Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижности на крајот на минатата година евидентира дека над 12 проценти од станбениот фонд во државата, или секој осми стан е под хипотека во банка, за разлика од крајот на 2018 година кога биле заложени над 11 проценти од становите низ државата.

Во катастарот во последното тримесечје од минатата година се впишани 1.089.253 станови во државата, од кои под хипотека се околу 136.000, односно 12,48 проценти. Во истиот период во 2018 година имало околу 18.000 станови помалку, а од нив под хипотека биле ставени околу 122.000 или 11,42 процента.

Извештајот на катастарот за продажбите на станови, пак, покажува голем скок на продадените станови под хипотека. Ако во последниот квартал во 2018 година на лицитација биле продадени само осум недвижности, во истиот период лани на тој начин биле отуѓени дури 24.

Град со најмногу станови под хипотека е Скопје, каде што секој петти е заложен во банка. Или, хипотека е ставена на околу 67 илјади станови, што се рекордни 20,87 проценти од скопскиот станбен фонд. Пред една година под хипотека биле 18,25 отсто од становите во главниот град, а тогаш најмногу хипотеки имало во Неготино, каде банките имале имотен лист на 18,57 проценти од становите.

Неготино, според најновата евиденција од крајот на минатата година, сега е втор град според бројот на станови под хипотека. Таму хипотека е ставена над близу 19 проценти од вкупниот број станови. На трето место е Гевгелија со околу 17, па Кавадарци со 14 проценти од становите под хипотека.

Во најголем дел од градовите низ државата има помалку од 10 проценти станови под хипотека. Крива Паланка, Македонски Брод и Кратово се градовите кои стандардно се на дното на табелата на катастарот за станови под хипотека. Во Крива Паланка заложен во банка е 2,66 проценти, во Македонски Брод 1,79 проценти, а во Кратово само 1,36 отсто од станбениот фонд.

Растот на бројот на хипотеки е поврзан со растот на станбените кредити. Според евиденцијата на Народна банка, во јануари годинава од сите кредити најголем месечен раст е регистриран токму кај станбените. Во однос на декември лани банките издале за 0,9 проценти повеќе. На годишно ниво пак, централната банка регистрира раст на станбеното кредитирање за 13,2 процента.