Агенцијата „Стандард и Пурс“ објави нов извештај во кој го потврди кредитниот рејтинг на нашата земја „ББ-“, со стабилен изглед. Во рамките на извештајот, одделно внимание е посветено и на монетарната политика, надворешната позиција на економијата како битен сегмент при водењето политика на стабилен девизен курс, како и на состојбата во банкарскиот систем.

Во однос на монетaрната политика, „Стандард и Пурс“ повторно посочуваат на поголемиот простор што го има таа, во услови кога степенот на евроизација е понизок во однос на  другите економии во регионот. Воедно, во извештајот се нагласуваат и мерките на Народната банка, како што е пониската задолжителна резерва за обврските на банките деноминирани во денари, што придонесува за намалување на вкупната евроизација. Во однос на надворешниот сектор, агенцијата за рејтинг за следниот период оценува умерен дефицит на тековната сметка, финансиран преку приливи од странски директни инвестиции, како дополнителна поддршка на девизните резерви.

Како и во досегашните извештаи, посебен акцент е ставен на банкарскиот систем, со укажување на неговата стабилност, ликвидност, ниското ниво на нефункционални пласмани, како и потпирањето главно на домашните депозити за финансирање на кредитната активност. Во вакви услови, агенцијата во своите проекции за следниот период  очекува понатамошен кредитен раст, како поддршка на економската активност.