Министерството за финансии на Русија објави денес дека земјата може да ја одржи стабилноста на економијата од 6 до 10 години ако цените на нафтата паднат на 25-30 долари за барел.

Руското министерство наведе дека тоа е изводливо благодарение на средствата акумулирани во Националниот фонд, кои во моментов изнесуваат 138,8 милијарди долари.

Објавата на министерството за финансии на Русија следи откако Саудиска Арабија почна ценовна војна најавувајќи зголемување на производството и намалување на цените, што предизвика потонување на глобалните цени на „црното злато“.

„Операциите кои се спроведуваат на отворениот пазар ќе го надоместат падот на приливот на девизите предизвикан од намалувањето на приходите од продажбата на нафта и производите од неа поврзано со движењата на цените на пазарот, што ќе го стабилизира курсот на националната валута“, наведе руското министерство.

Руската рубља падна поради падот на цените на нафтата, бидејќи Русија поприлично зависи од приходите од продажбата на нафта. Доларот денес зајакна во однос на рубљата 9,58 отсто и курсот во 12:00 часот по централноевропско време изнесуваше 74,7877 рубљи за еден долар.