Главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Гита Гопинат, смета дека владите ширум светот ќе треба да применат значајни фискални, монетарни и финансиски мерки на пазарите во борбата против економските последици од брзото ширење на корона вирусот.

Во блогот објавен на веб-страната на ММФ, Гопинат наведува дека нејзината главна препорака вклучува директно ставање на голема количина на готовина на располагање на домаќинствата и деловните субјекти, пренесува Ројтерс.

„Домаќинствата и деловните субјекти кои страдаат од нарушувања на снабдувањето и падот на побарувачката, би можеле да добијат пари, субвенции за плати и даночни олеснувања, што ќе им помогне на луѓето да ги задоволат нивните потреби и да ги одржуваат деловните активности во живот и да не потонат“, напиша Гопинат.

Како пример ја наведува одлуката на Италија да ги продолжи роковите за плаќање на корпоративните даноци на деловните субјекти во подрачјата погодени од епидемија, како и одлуката на Рим со дополнителни средства да го зајакне платниот фонд за поддршка на работниците кои престанаа да работат заради карантините и ограничувањата на патувањата.

Јужна Кореја воведе и субвенции за плати за малите трговци и зголемена домашна нега и бенефиции за баратели на работа, додека Кина привремено се откажа од придонесите за социјално осигурување, напоменува Гопинат.

– За оние кои ги загубија своите работни места, можно е привремено да се продолжи периодот на важење на осигурувањето во случај на невработеност, да се зголемат надоместоците или да се намалат критериумите за потребните квалификации за добивање работа – пишува економистката на ММФ.

„Таму кадешто платеното боледување и отсуството од работа заради нега на член на семејството не се меѓу стандардните придобивки, владите би требало да го земат предвид и овој вид на финансирање за да им овозможат на неосигурените работници или нивните старатели да останат дома без страв од губење на работните места за време на епидемијата“, додава Гопинат.

Според нејзиното мислење, централните банки треба да бидат подготвени да обезбедат голема ликвидност на комерцијалните банки и небанкарските финансиски компании, „особено оние кои кредитираат мали и средни претпријатија, кои можеби се помалку подготвени да издржат едно остро пореметување“.

„Владите, исто така, би можеле да понудат привремени и наменски кредитни гаранции за краткорочни потреби за ликвидност на таквите компании, а регулаторите на финансискиот пазар и супервизорите би можеле да ги охрабрат кредиторите да понудат привремени и временски ограничени продолжувања на рочноста на кредитите“, заклучува Гопинат, пренесува Ројтерс.